Велики Четврток

На 02.05.2024 година, на Велики Четврток наутро, кога светата црква си спомнува за Тајната Вечера, миењето на нозете, свештената молитва и предавството Јудино, во Лешочкиот манастир беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. По завршувањето на светата Литургија беше извршен чинот на светата Тајна Елеоосветување. Преку оваа света Тајна, помазувајќи го телото со осветеното масло, се повикува Божјата благодат која ослободува од духовни и телесни болки. По литургијата и маслосветот, митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниот народ со беседа на која меѓу другото истакна: Браќа и сестри, ме радува што денес гледам преполн храм со верници. Денес е Велики Четврток, еден од големите и спасоносни празници на нашата Света Православна Црквата. Настаните што се случиле на Светиот и Велик Четврток: миењето на нозете на Апостолите од страна на Христа, Тајната Вечера, предавството на Јуда и Христовата молитва во Гетсиманија, се најсилен израз, заедно со Крстот на Голгота, на Божјото искупително дело за човекот. Преку овие четири Божествени настани допираме до смирената, пожртвувана, принесена и предадена љубов на нашиот Господ Исус Христос. Сите ние кога го празнуваме овој празник и сите овие празници во оваа седмица наречена „Страсна седмица“, не треба да ги доживуваме само како некаков спомен од настаните што се случиле, бидејќи овие настани постојано се случуваат. Христос нашиот Бог и Спасител, заради нас дошол во светот, и затоа во овие празнични денови, ние треба целосно да се предадеме на празничните богослужби и сè што слушаме, од она што се пее и чита, да се потрудиме да го доживееме, ако сакаме вистински да ги прославиме Страдањата на Христа нашиот Бог и Спасител и Неговата Крсна жртва, односно смртта на Крстот со која нас не откупи од гревот и смртта и не врати повторно во единство со Троичниот Бог. Сите вие знаете дека на денешен ден се случил големиот настан, односно Тајната Вечера, кога Господ Исус Христос ги причестил Своите Апостолите. И ние на секоја Божествена Литургија сме присутни на Тајната Вечера, бидејќи на овој Свет Престол, кој ја претставува Светата Трпеза, Христос ја создал Светата Тајна Евхаристија, односно Причесната. Тогаш бил поставен лебот на кој покажал Христос и рекол: „Примете, јадете, ова е Моето тело” (Мат. 26, 26).  Потоа покажал на Чашата со вино, ја благословил и рекол: „Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за вас и за мнозина, за опростување на гревовите“ (Мат. 26, 28). На овој начин Христос нашиот Спасител ја востановил Светата Тајна Евхаристија. Како православни христијани, потребно е да го знеме сето ова, па причестувајќи се што почесто со светите Христови Тајни, да „расудуваме“ за Телото и Крвта Христови. Да се подготвуваме за светата Причест не само со запазувањето на постот и читањето на молитвите, туку пред сè, да се подготвуваме со сите наши дела и со целиот наш живот. Откако ќе ги примиме во себе светите Тајни, да ги носиме достојно, со крајна внимателност, со благоговение, подобно на Пресвета Богородица како што Го носела во својата утроба младенецот Христос. Секогаш да просиме од Бога, до последниот миг од нашите земни дни, да нè удостојува со причестувањето со светите Тајни, та и на нашиот смртен час да не бидеме лишени од светата Причест, а и во вечниот живот да се удостоиме да се соединиме со Бога. Имајте благословени денови и доаѓајте во храмовите на богослуженијата, за да ја почуствувате и радоста на Воскресението.