Влегувањето на Спасителот Господ Исус Христос во Ерусалим-Цветници

На 28.04.2024 г., во недела посветена на Влегувањето на Спасителот Господ Исус Христос во Ерусалим-Цветници, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на протоереј ставрофор Марјанчо Мадевски, протоереј Андон Андоноски, протоереј Трпе Богојески, ереј Мартин Андоноски и ѓаконот Славче Ѓорѓески, отслужи Света Божествена Златоустова литургија во Соборниот храм ,,Успение на Пресвета Богородица"- Гостивар. На Божествената литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. По литургијата митрополитот г. Јосиф се обрати кон многубројниот народ со беседа на која меѓу другото истакна: Браќа и сестри, денес е голем и спасоносен празник, односно го празнуваме влегувањето на Спасителот Господа Исуса Христа во градот Ерусалим.
Овој празник кај нашиот народ е познат уште како Цветници, затоа што народот и дечињата, кога Спасителот Христос влегувал во Ерусалим, фрлале пред Него цвеќиња и палмови гранчиња, па затоа и ние на денешен ден осветуваме врбови гранчиња, зашто врбата кај нас е првото растение кое расцутува и кое го најавува големото празнување на празниците, односно Велигденското празнување.
Врбата е и симбол на пролетта, која всушност е годишно време коe дава живот, кога сè цути и се разлистува, кога расте тревата, а сите растенијата и животните добиваат нов живот. Оваа недела е последна пред Велигден. Во неа си спомнуваме за еден посебен настан, кој има огромно значење за разбирање на мисијата која Господ ја извршил за спасение на родот човечки. Овој настан ни помага да разбереме која е смислата на служењето, кое Црквата како продолжителка на апостолското служење на Бога им ја пренесува на луѓето. Денеска нашата света Црква, а заедно со неа и ние го прославуваме свеченото влегување на Нашиот Спасител Господ Исус Христос во Ерусалим. Тоа е најголемата свеченост што Израилскиот народ му го приредил на Христа. Господ Исус Христос исполнувајќи го пророштвото за Него како Цар кроток и праведен, после чудесното воскреснување на Лазар, пред шест дена од неговата смрт, се јавува на Јудеите и многу јасно им покажува дека Он е Месија и Цар Кого тие го очекуваат. Наоѓајќи се во овој храм денес овде во Гостивар, со врбови и палмови гранчиња во рацете, сите ние сме сведоци на Христовото влегување во Ерусалим, бидејќи „наоѓајќи се во Неговото Тело, во Црквата, ние имаме една Глава – Него“, вели во својата беседа за овој празник светиот Григориј Палама, кој нè потсетува дека сите ние, кои имаме една надеж, сме повикани заедно во овие денови пред самиот празник - да се љубиме еден со друг, да се трудиме еден за друг, бидејќи сме соединети едни со други. Но и да веруваме во Бога. И токму пред самите Негови страдања, треба да се запрашаме дали вистински веруваме во Него? – Ако вистински веруваме во Него – во оваа недела треба активно и ние сите да соживуваме со Него, да го созерцаваме Неговото дело и да Го носиме Неговиот крст, следејќи го Неговиот трнлив пат до Распетието, за на крај да го доживееме како свое и Неговото Воскресение. Затоа апелирам до сите православни христијани од Гостивар и Тетово, дека во престојните дни е време благопријатно, самиот ден на спасението, па затоа, според Павловите зборови да ги отфрлиме сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на Светлината. ,,Да одиме чесно како дење“ (2 Кор. 6, 2) – затоа што ни се приближува сеќавањето на спасоносните Христови страдања, се приближува нова, голема и духовна Пасха, награда за бестрастието - почетокот на идниот век, подготвен за оние кои не само денес ќе одат со Христос, туку и во наредните денови ќе го продолжат тој пат да го одат во своето срце, во својот Ерусалим, за да очистени и ние воскреснеме на денот на Христовото воскресение, заедно со Него, причестувајќи се со Неговите спасителни тајни, и сега и секогаш и во сите векови. Амин!