Црква „Св. Атанасиј“ – Тетово

Свети Атанасиј е православен храм, главна манастирска црква на манастирот на Балтепе, сместен на тетовското Кале. Спаѓа во Четвртата тетовска парохија.Црквата е подигната на темелите од постара манастирска црква, која заедно со целиот манастирски комплекс потекнува од крајот на 13 век, од истиот период кога бил подигнат и манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во месноста Плоча на Шар Планина. Главниот патрон се празнува на денот на Св. Атанасиј Зимски на 31 јануари.
Денешниот изглед, црквата го добила со соизградбата во 1922 година. Објектот е еднокорабна градба со димензии 5,25 х 11,10 m и висина од 4,7 5х 1,60 m, со кота на слеме од 6,35 m. Градена е од кршен камен во продолжен малтер , со полуцилиндричен свод од внатре, со дрвена кровна конструкција со метален лим како покривач. Прозорците се дрвени, со профилирани украсни решетки. Во денешно време имотот на црквата е оспоруван, но во1923 година била добиена катастарска тапија за „сопственост на црквата со авлијата” под број 366 од 28 февруари 1923 година, заверена од тогашниот Првостепен суд во Тетово под број 3853 од мај 1923 година.Музејот на тетовскиот крај со свој документ број 0301/79/1 од 6 април 1988 година потврдува дека наведениот простор „е предаден во трајно владение и користење на тетовското архијерејско намесништво на МПЦ.” Инаку црквата за време на двете светски војни повеќе пати била уривана и обновувана за да во поново време биде осветена од митрополитот Кирил. Во чест на 2000 години од христијанството се дошло до идеја да се постави крст на камбанаријата со нешто поголеми димензии од стариот, поради што започнала и целосна реконструкција на манастирската црква. За да се заштитат фреските и иконите била извршена реконструкција на кровната конструкција на црквата, а поради дотраеност камбанаријата сосема биле урнатаи и на истите габарити била подигната нова. Нејзината висина од дното е 9,20 м, на која според сите православни обичаи треба да се постави крст висок 6 m.