mitropolit

Роден е на 21. 1. 1982 година во Скопје. По завршувањето на основното образование, во 1997 година се запишува во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски” во Скопје, која со успех ја завршува во 2002 година. Веднаш потоа го започнува монашкиот подвиг во братството на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител”, а воедно, како вонреден студент се запишува на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски” во Скопје, каде што дипломира во 2010 година, со одбрана на дипломскиот труд „Богородица – почеток на Новиот Завет“. Магистира во 2015 година со одбрана на магистерскиот труд „Компаративниот дизај на природата и суштината на македонското црковно и световно (позитивно) казнено право“, со што се стекнува со звање магистер по правни науки, насока Правосудство. Замонашен е на 10. 9. 2003 година од страна на неговиот надлежен архиереј, Митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј. Следната, 2004 година, е ракоположен во ѓаконски чин. За јеромонах е ракоположен на денот на манастирската слава на Бигорската обител, односно на 7. 7. 2006 година. На 28. 6. 2012 година, од страна на Светиот архиерејски синод едногласно е избран за Епископ велички и поставен за викар на Скопската православна епархија, со која раководи Неговото блаженство, Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан. Игуменскот чин го прими во манастирот „Свети Наум Охридски“ – Охридско, на 3. 7. 2012 година, а за архимандрит е ракоположен на празникот посветен на светите апостоли Петар и Павле, во истоимениот храм во Скопје, на 12. 7. 2012 година. Наречението за епископ се изврши на 6. 10. 2012 година, во манастирот „Свети Пантелејмон и свети Климент“ – Плаошник, а хиротонијата на 7. 10. 2012 година во катедралниот храм на охридските архиепископи „Света Софија“ во Охрид.