Црква „Св. Кирил и Методиј“ – Тетово

Црквата Свети Кирил и Методиј е црква во стариот дел на Тетово и е еден од најубавите православни храмови не само во Полошкиот регион туку и пошироко во Македонија. Изградбата на црквата е започната во 1903, завршена 1918 , а осветена на 12 јуни 1925 година. Патронот на црквата се слави на 24 мај на денот на македонските просветители Св. Кирил и Методиј
Внатрешноста на црквата
Црквата е започната да се гради на ново место во 1903 година во време на Илинденскиот период. Иницијатор за изградбата бил Прота Михаил (Михаил Мартиновски),примерен свештеник од тоа време, познат како заштитник на православните христијани од турските власти. Во тоа време како Архиерејски наместник успеал од Султанот Амид од Цариград да издејствува изградба на црква. Одобрението го добил на 21 ноември 1902година. На почетокот на градбата, мајсторите наидувале на одредени потешкотии, како релзутат на нестабилноста и влажноста на земјиштето, а со цел да биде одстранета водата од темелите на црквата, биле набивани костенови колци. Се смета колку што е црквата висока толку е и длабока за да не биде подложена на лизгање, а темелите биле поливани со олово. При градбата е користен камен бигор кој од целото местно население, на самарчиња на грб е носен од Тетовското кале. Главен мајстор при изведбата на работите бил извесен солунчанец од македонско потекло. Црквата се градела долго време со доброволни прилози на дарежливи христијани од Тетово и околината. Изградбата била завршена во 1918 година, а црквата е осветена на 12 јули 1925 година на ден Петровден од страна на тогашниот Патријарх Варнава.
Архитектонски опис
Црквата е трокорабна базилика и крстообразна со купола. Фрескоживописот е изработен од познатиот зогравДанило Несторовски во 1924 година.Истата година починал ктиторот на овој свет храм Прота Михаил Мартиновскикој е погребан во црковниот двор каде што и денес постои неговото вечно почивалиште. Од тогаш па до денес извршени се низа санации и изградба на нови помошни простории, од кои како позначајни се:
Во 1931 година со прилог на г-дин Илија Герасимовски, подигната е чешма и фонтана во кругот на црквата.
На 27 април 1938 година започната е градба на парохискиот дом во кругот на црквата.
Во 1957 година како прилог на г-дин Јован Анѓелковски од село Лавце поставен е паркетот во црквата.
Во 1963 година како последица од елементарни непогоди и земјотесот, настанати се големи оштетувања на црковната конструкција, а најмногу била оштетена главната купола, но веднаш била извршена санација на оштетувањата.
Во 1967 година извршена е санација на црковната зграда, која исто така била оштетена од земјотресот.
Во 1974 година извршена е санација на фасадата на црквата а работите ги извел Г.П.Гранит од Тетово.
Во 1976 година извршено е молерисување на внатрешниот дел од црквата.
Во 1982 година била обновена е чешмата и фонтаната.
Во 1983 година бетонирани бил стазите околу црквата и поплочени со мермер влезовите на црквата.
Со посебно ангажирање на црковното настојателство во 1989 година започната е целосна санација и реконструкција на црковната зграда. Во состав на зградата била изградена канбанерија од армирано-бетонска конструкција. Изградбата била завршена во 1991 година, кога е извршена и целосна реконструкција на покривот на црквата со поставување на бакарен лим во површина од 940 м2. Тогаш било извршено и целосно молерисување на надворешниот и на внатрешниот дел од црквата. Било извршено ретуширање и конзервација на фреските во олтарниот дел од страна на на академскиот сликар Павле Кузмановски, како и замена на дел од паркетот во олтарскиот дел. Во дворното место на црквата, до црковната зграда била поставена монтажна куќиќка. Во црковната зграда пред неколку години уредена е импозантна крстилница. Во реновирањето учествувале голем број на дарители и претпријатија од Тетово и околината.