Црква „Св. Никола“ – Тетово

Црквата Свети Никола е македонска православна црква во Тетово. Се наоѓа во градската населба Колтук, во горниот дел на градот. Таа е главна парохиска црква на Четвртата тетовска парохија. Црквата за првпат се споменува во записите поврзани за манастирот „Света Богородица – Хтетовска“, во една од хрисовулите на царот Душан, каде се споменуваат црквите „Свети Никола“ и „Свети Илија” како метоси на споменатиот манастир. Ова наведува дека таа потекнува не подоцна од XIV век. Многу подоцна, во 1675 година по една пресуда на тетовскиот кадија, се споменува црквата „Свети Никола” со својот имот, во месноста на денешната населба „Дреновец”. Се споменува нива од 11 хектари како и лозје со површина од три декари. Некаде во 1715/16 година се споменува како една мала црквичка, која можела да прими едвај четири до пет верници. Тогашниот црковен одбор составен од видни граѓани, решиле на местото од старата црквичка да изградат нова и поголема црква. Во 1842 година се почнало со градба на црквата која траела се до 1847 година. Но, по завршувањето на градежниот дел се немало доволно парични средства за фрескоживописот и за уредување на внатрешниот дел од црквата. Изградбата на новата црква му било доверено на познатиот мајстор од Охрид,Мартин Вражевски. Тој ја изградил црквата по планот на црквата „Света Богородица” од Скопје. Поради недостаток на финансиски средства црковниот одбор бил принуден од други места да бара помош. Во 1848година црквата била завршена и пред крајот на истата година била осветена од скопскиот владика Анание. Но во1872 година црквата била запалена од некој Албанец Муарем, доселеник од Албанија. Многу години црквата стоела разурната во пепел, дури во 1901/02 г. тетовци почнале со нејзиното возобновување. Таа била целосно довршена во 1912 година, а преосветена е во 1923 година од епископот Варнава.

Изградената површина на црквата изнесува 7,87 ари, а површината под пристапи и зеленило изнесува 57,88 ари.

Поправки

Црковното настојателство во поново време поради дотраеност на црквата презела иницијатива и извршила санација на црковниот покрив кој е заменет со пластифициран лим и е зајакната кровната конструкција. При оваа црква во 1976 година е изградена нова црковна канцеларија, бидејќи старата, изградена во почетокот на 20 векбила подложена на паѓање поради слабот материјал.

Во 1995 година старата фасада на црквата е очистена и на нејзино место е изработена нова фасада од бел цемент, како и замена на прозорците, во истиот стар стил. Благодарение на многуте спонзори црквата е речиси 100% преработена од надворешната страна, а во внатрешниот дел е извршена замена на електричната инсталација. Во тие години извршено е асфалтирање на приодниот пат до црквата во должина од 150 м и изработена е нова влезна врата. На 19 декемви1995 година, неговото високопреосвештенство митрополитот Полошко-кумановски господин Кирил ја осветил новата крстилница што се наоѓа во самата црква во сослужение на повеќе свештеници од тетовското архијерејско намесништво. На западната страна од сегашната црква „Свети Никола” до неодамна се забележувале остатоци со димензии 3х2 метри каде некогаш се наоѓала капела посветена на Света Петка. Објектот бил изграден од камења и покриен со слама така што со градбата на новата црква истата се урнала и била уништена. До неодамна на тоа место постоеше костурница. Точниот податок за постоењето и градбата на таа капела се сврзува со изградбата на помала црква посветена на Света Богородица, која се наоѓала преку реката Пена.

Во почетокот на 2000 година црковното настојателство презеде ницијатива да се возобнови истата капела. На 26 ноември истата година се положи и освети камен темелник на празникот „Свети Јован Златоуст”. Осветувањето го извршил архијерејскиот намесник од Тетово протојереј-ставрофор Мирко Станковски со повеќе свештеници од тетовското и гостиварското архијерејско намесништво. Црквата е посветена на света Петка и света Недела.