Православен поглед на современите технологии: телевизија и интернет


Нашава епоха, XX и почетоткот на XXI век, е епоха на силен технолошки развој. Се разбира, големи се предностите и позитивните страни на технолошкиот напредок. Во многу сегменти се олеснува и подобрува човековиот живот. Меѓутоа, истите тие технолошки придобивки многу лесно се злоупотребуваат, па така, од средство за подобрување на условите за живот, стануваат средство за духовна смрт.
          Во  овој контекст, најпрво ќе ја споменеме телевизијата.
          Со напредокот на овој вид медиум, значително се подобри преносот на информации, како и можноста за разни видови презентации, и тоа од сите области. Меѓутоа, сведоци сме на широко распростанета злоупотреба на телевизијата, па така, во многу прилики таа станува медиум за духовно поробување на луѓето. Телевизијата во нашите домови зазеде неодговорно место. Од скромно средство за пренос на информации, каква што беше во почетоците, телевизијата го наруши нашиот духовен живот. Во минатото, центар на семејството било огништето, но сега тоа место го презеде телевизијата. За жал, наместо да биде како во минатото, кога собрани околу семејното огниште, нашите претходници го читале Светото Писмо, сега се собираме околу телевизорот и него го слушаме. Пред сè, треба да нагласиме дека ниеден пронајдок, механизам или машина не е зло само по себе,  бидејќи нема самобитно зло. Злото се пројавува преку разумните битија, односно преку луѓето, кои не ја исполнуваат волјата Божја. Во технолошките пронајдоци треба да го најдеме печатот на Божјата премудрост, зашто преку нив на човекот му е дадено да ги открива природните закони, и од сето свое срце да Му принесе благодарност на својот Создател.
          Но кои се поединечно позитивните и негативните страни на телевизијата?
          Телевизијата почнала, за првпат по толку децении, да ги враќа луѓето во домовите. Нејзината улога во таа голема општествена промена е многу скромна: таа едноставно му се обратила на човекот, заробен од ниските инстикти на улицата, и го вратила кон своето огниште (домот), со тоа што уличните забави сега ги преместила во неговиот сопствен дом, пред малите екрани. Ако го прифатиме фактот дека телевизијата придонела за враќање кон домашното огниште, тогаш ќе можеме да ја искористиме нејзината добра страна. Телевизијата во себе крие магнетска сила и привлечност, и не можеме едноставно да ја порекнуваме подигајќи го својот глас од катедрата и од  амвонот, бидејќи со тоа ќе наликуваме на човек кој со стап замавнува во воздух. Телевизијата е способна јасно и детално да поучува во сите прашања од науката, уметноста и техниката, и со тоа да го подигне нивото на образование и знаење, нанесувајќи тежок удар на мракот, неукоста и полузнаењето, кои отсекогаш му нанесувале големо зло на светот. Затоа и Црквата, својата мисија и евангелизацијата на народот ги врши и преку телевизијата.
          Но покрај позитивните страни, телевизијата има и штетно влијание врз човековата душа. Таа наполно ги одвраќа луѓето од книгата. Зошто да се чита, кога сетоа тоа го гледаме? Тука би напоменале и дека на телевизијата се објавуваат и неморални, безбожни и какви сè уште не недуховни содржини, кои имаат улога да ја помрачат и оддалечат човековата душа од Бога и Црквата. Телевизијата нè одучува од размислување и мислење, нè прави духовно мрзливи, и во својот приватен живот ние постануваме луѓе без никакво размислување, луѓе кои со помрачен (заматен) ум гледаат на Божјиот свет, па не гледаме дека Она што е во Него невидливо, односно вечната Негова сила и Божество, се гледа уште од создавањето на светот, гледани според нивните созданија, па тие немаат изговор (Рим. 1, 20). Тука можеме да се присетиме и на зборовите на светиот апостол Павле: Сè ми е позволено, но не е сè полезно, сè ми е позволено, но ништо не сакам да завладее со мене.
          Особено е важно децата да не се воспитуваат со телевизија, односно да не постанат робови на телевизијата. Тоа е ризично поради две причини: прво, тие ги впиваат во себе сите страсти кои ги наведовме, и истите стануваат основа на нивниот понатамошен живот; и второ, непотребното и повеќечасовно гледање телевизија, дури и на програма со убава содржина, ја намалува креативноста на детето, но и на возрасните. За жал, мора да се нагласи, последниве години се прикажуваат цртани анимирани филмови, во кои доминираат насилство, војна убивања, демонизирани ликови, кои се доживуваат како омилени ликови. И што да очекуваме од децата, ако ние не преземеме нешто и не го спречиме тоа? А можеме да го спречиме најнапред со тоа што нема да им дозволиме на нашите деца да ги гледаат таквите демонизирани цртани, во кои доминира убивањето и насилството. Потребно е човекот да стекне здрав духовен менталитет, па потоа да може да биде во состојба да прави избор меѓу полезното, од една страна, и непотребното и штетното во телевизиските програми, од друга страна. За жал, денешните родители не се свесни дека се најголеми соучесници во осквернувањето и обесветувањето на чистата детска душа, дозволувајќи прекумерно и неконтролирано  гледање телевизија.
          Откако ги согледавме позитивните и негативните особини на телевизијата, тогаш каков треба да биде нашиот однос кон неа?
          Потребно е секогаш да гледаме телевизија со претходно расудување. Односно, да го гледаме сето она што ќе навистина ни користи. Такви се документарните, едукативните програми, програмите со христијанска духовна содржина и, се разбира, филмовите за кои е докажано дека имаат вредност, односно филмовите кои носат некоја порака и длабока суштина.  Значи, најнапред треба да го направиме изборот, а потоа да седнеме пред телевизорот. Второ, не треба да поминеме премногу време гледајќи телевизија и самите да си одредиме колку долго ќе го правиме тоа. Неодговорното гледање телевизија, преку држење на далинското во рацете и бесцелно менување на програмите со часови, е многу штетно по духовното и психичкото здравје на секој човек. Во овој контекст треба да се нагласи дека е потребна силна волја и утврдена строга дисциплина во однос на тој уред, во однос на самите нас, а особено во однос кон децата, кои телевизорот треба да го користат под мониторинг на таткото или мајката, или друга одговорна личност од семејството. На детето можат да му бидат прикажувани само ретки и корисни содржини, кои позитивно и корисно ќе влијаат на неговото образование и интелегенција. Полезно би било секој филм или содржина да бидат проследени со објаснување. Веруваме дека на секој што вака ревносно ќе почне да се бори со штетното влијание на телевизијата, Господ ќе му покаже и други начини како да се заштити и  себеси и своето семејство од штетното влијание на овој медиум.
Интернет
       Сличен медиум, но со многу поголема моќ и влијание, е интернетот. Сите знаеме кои се можностите, предностите и олеснувањата коишто ги овозможува интернет поврзувањето. Слободно може да се оцени дека тоа е најмоќниот медиум на XXI век. Интернетот денес претставува најголема информативна база во светот, која секојдневно се проширува и развива. Интернетот можеме да го оспоруваме или афирмираме, но никако не смееме да го игнорираме, иако во себе содржи изобилство на бескорисен, лажен и непристоен материјал, но сепак, поседува содржина на големо количество корисни информации. Она што пред десетина години беше невозможно да се слушне навремено како вест, ниту да се види како фотографија или амбиент, сега е широко достапно, и тоа во кое било време и од кое било место. Она што е значајно кај интернетот, што го разликува од  другите видови медиуми е што тој делува директно. На тој начин ги одразува интересите на општеството. Предноста на интернетот, на информациски план, во однос на другите медиуми е во молскавичната брзина со која вестите и се поставуваат и постануваат широко достапни; но, исто така, и на можноста за селективно следење на информациите. Интернетот ни дава можност да одиме директно на веста што сакаме да ја прочитаме, видиме или слушнеме. На тој начин, православниот христијанин конкретно добива можност да следи само одреден круг настани, според неговите интереси, кои му овозможуваат да се информира, а при тоа да не го загуби својот мир.
          Меѓу многуте можности што ги нуди интернетот како средство за комуникација и за неутрализирање на просторната оддалеченост, тој се јавува и како можност за реализација на разни девијации на планот на меѓучовечките односи и комуникација. Се разбира, за ваквите појави не е „виновен” самиот интернет, туку неговата неправилна употреба од страна на технолатриски настроениот човек со рудиментиран морал. Интернетот како мисионерско средство на XXI век, поттикна многу полемики меѓу православните богослови и интелектуалци. Постојат различни ставови во врска со ова прашање, од дијаметрално спротивни до сосем слични. Во принцип, сите се согласни дека интернетот има и добри и лоши страни, но сепак, потребно е осмислување на заеднички соборен став кон овој медиум, и тоа за различни прашања. За афирмативниот дел на критичкиот став кон информациските технологии, доволно зборува големиот број интернет страници (сајтови), мултимедијални изданија, компјутерски апликации со христијанска тематика, електронски библиотеки. Самото постоење на официјални страници на Помесните православни цркви, значи посреден благослов од страна на Црквата за осмислено користење на информациските технологии. Денес, за православните христијани ваквиот вид на комуникација е исклучително важен, бидејќи овозможува контакт и размена на корисни информации меѓу најодалечените епархии, парохии, православни здруженија итн. Евидентно е дека дури и кај нас сите епархии имаат свои презентации со основните информации за животот и активностите на таа заедница, а секако, во интернет просторот е присутна и официјалната страна на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Современите богослови имаат обичај, токму електронските форуми да ги нарекуваат модерна верзија на некогашниот Ареопаг, или електронски Ареопаг на XXI век.
          Социјалните мрежи присутни на интернет, од кои ќе ја издвоиме најпознатата, најполуларната и најпосетената – „Facebook”, претставуваат своевиден феномен и заслужуваат особено внимание, не само поради бројот на корисници, туку поради нивниот концепт кој се сведува на виртуелни заедници, формирани врз основа на разни афинитети и заеднички интереси. Тука би ја навел и изјавата на Рускиот патријарх, г. Кирил за полезната употреба на современата технологија – интернетот: „Со настапувањето на новото време, ние живееме во општество со најнови информатички системи. Во денешно време, размената на информации не е исклучок од некое правило, ниту, пак, тоа е некаква обична појава… тоа е дел од нашиот живот. Денес секој човек учествува во размената на информации, или, во краен случај, ако посака, секој човек може да се ползува со интернетот. Во рамките на ваквиот нов начин на живеење и ова ново информатичко општество, Црквата не може да се дистанцира од реалноста, во која длабоко навлегува црковната паства. Покрај сите предизвици и проблеми, се молиме ризиците да бидат што помали, а  работиме на тоа свештениците да го носат свештеничкото служење, сведочењето за Христа, што е можно подобро во оваа лично за нив и за Црквата многу ризична област. Но новиот свет и новата реалност, која денес е и наша реалност и наш свет, бара Црквата да присуствува и таму каде што порано никогаш не била. Не поради тоа што кај нас се појавија телевизиски „звезди во мантии”, туку поради тоа – со смирение и надеж во Божјата помош да им го испратат на луѓето гласот на спасението“.    Во тој поглед, може да се заклучи дека целта на употребата на сите модерни средства на информациските технологии, во рамките на модерната мисија на Црквата, се исцрпува со своевидно упатување кон светата Литургија, изворот на врвно знаење. Технологиите не се цел сами за себе и знаење за самите себе, тие треба да му послужат на човекот во неговото спасение. Во оваа смисла, информациските технологии можат многу да помогнат во ефикасното и брзо информирање, како и за интелектуалната катихизација, но тоа е само првиот чекор, претечата на она што е клучно: повторното пронаоѓање на целта на човекот, неговиот интегритет и неговата кинониа (заедница) со живиот Бог, преку Христа и во Христа, преку живото и активно учество во литургискио – подвижничкот живот на Божјата Црква.