Успение на Пресветата, Пречистата и Преблагословена наша Мајка – Богородица


 

г. Јосиф, митрополит Тетовско – гостиварски 28.08.2017 г.

Само едно е потребно

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Но само едно е потребно. Марија го избра

добриот дел, кој нема да ѝ се одземе

Лука 10,42

Драги браќа и сестри,

Денеска го прославуваме празникот на чесното Успение на Пресветата, Пречистата и Преблагословена наша Мајка – Богородица и секогаш Дева Марија. На денешен ден, Таа се упокоила како што и сите луѓе се упокојуваат. Гледано од човечки аспект, секоја разделба предизвикува жал, тага и воздишка, но ние денес овој празник го чествуваме со неизмерна радост. Со црковни песни ја величаме разделбата на Богомајката од апостолите и христијаните, бидејќи празникот на Богородичното Успение, всушност е продолжување на чествувањата и прославувањето на Воскресението на нашиот Господ Исус Христос. Имено, за време на погребението единствено отсуствувал светиот апостол Тома, но тоа било Божја промисла за да се открие уште една голема тајна за Пресвета Богородица. Третиот ден дошол и тој и посакал да го целива телото на Пречистата, но кога го отвориле гробот ја нашле само плаштаницата со која била обвиткана, додека телото не било во гробот. Таа вечер се јавила на апостолите, и им рекла: „Радувајте се, јас сум со вас засекогаш“. Таа прва после Господа Исуса Христа ја доживеала таа најголема радост, вознесувајќи се во тело по примерот на нејзиниот Син. Овој настан го сведочи неоспорливиот факт дека Господ Бог воскресна со телото Свое – да покаже дека и ние ќе воскреснеме на Судниот ден. И, ете овој празник е уште еден патоказ за вистинскиот пат, кој го врвиме – патот до вечноста.

Затоа, светата Црква не тагува, туку се радува. Таа се радува, бидејќи „Нејзината смрт е животоносна преселба во небесниот и бесмртен живот“ според зборовите на светиот Григориј Палама. Се радуваме, бидејќи Пресвета Богородица го напушта овој привремен свет и оди во Божјото царство, во прегратките на својот Син и наш Бог, Господ Исус Христос. Оди при својот Син, но не нѐ напушта, како што се вели во тропарот: „во своето Успение не го остави светот“ дарувајќи ни безброј причини да празнуваме, бидејќи преку Успението се претстави пред Животот, Мајката на самиот Живот и со Нејзините молитви ги избавува од смртта нашите души.

Драги браќа и сестри,

Сите вие добро знаете дека тука на земјата животот на човекот е привремен. Неговото пребивалиште е горе, на небото. И нам ни претстои успение. Тоа е неминовно. Низ смртта и нам ќе ни се отворат вратите на вечниот живот. Но неопходно е за него да бидеме подготвени. Секому му е даден извесен број години за таа подготовка. Имаме и евангелска програма за добар живот и побожност. Да се потрудиме таа програма да ја исполнуваме како Пресвета Богородица. Секој од нас, кој верува во вечниот живот и кој верува во таа непроменлива вистина, во неговиот живот и работа постепено, но неизоставно, започнува една промена – тој се оддалечува од гревот и пороците и се доближува до правдата и доброто – за кое говореше приказната за Лазаровите сестри: Марта и Марија од денешното свето Евангелие. Да направиме и ние добар избор. Да го избереме само она што навистина ни е потребно – подобриот дел, кој никој не може да ни го одземе. Многумина се запрашуваат што е тоа само едно што ни е потребно? – На тоа прашање совршено ни одговара еден современ митрополит, кој впечатливо ќе рече дека е потребно да следиме само една Богородична заповед, онаа која што им ја кажала на слугите во Кана Галилејска, а тоа се Нејзините познати зборови: „Што и да ви каже, направете!“. Тоа значи – исполнувајте го словото Негово и сѐ земно ќе стане проникнато од небесното, сѐ трулежно ќе се преобрати, сѐ распадливо ќе блесне во светлина. И навистина само тоа е потребно. Потребно ни е послушание кон Бога и Црквата. Да бидеме како евангелската Марија, која го одбрала подобриот дел. Да се одбере добриот дел, или тоа што е единствено потребно, значи да се обнови душата и срцето со светлината на Божјите зборови, да се засака вистината, да се усвојат моралната чистота, светлината и правдата, да се засака со сето свое срце и душа Бога – како Марија, во чие срце се врежале Христовите зборови за вечниот живот. Царството Божјо и неговата правда таа го одбрала и поставила на прво место, па и Христа Господа што го познава срцето јавно сведочи за нејзината среќна иднина: затоа што го отворила срцето свое за најпотребното, затоа што го одбрала подобриот дел – да живее и да се раководи според законот на вечната правда и љубов, односно затоа што била смирена, трпелива и послушна на Бога – како и Пресветата Богородица, чие крајно смирение ја направило Избраница на Господа, како што сведочи и самата: „оти ја погледна смиреноста на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме ублажуваат сите родови“ (Лука 1,48). Смирувајќи се повеќе од сите луѓе, Пресвета Богородица се удостои од Бога да го добие највозвишеното послушание – да биде Мајка на Севишниот, и така да стане Посредница на Господа во спасението на светот.

Особено значајни за нас се зборовите на Пречистата запишани во евангелскиот стих: „ги симна силните од престоли и ги воздигна смирените“ (Лука 1,52). Со овие зборови Богородица Мајка го наговести новото време, после Воскресението, времето на благодатта, кога ќе бидат возвеличени во Царството Божјо смирените, кои ќе бидат издигнати на духовни престоли за да владеат преку љубовта Христова. Гледајќи дека смирението е тоа што најмногу не доближува до нашиот Господ, благочестиви христијани Ве советувам колку што можете повеќе да се смирувате помеѓу себе, да покажете на дело дека братот ваш е вашиот живот, никому не наштетувајте, на зло враќајте со добро – за да се покажете како синови на светлината и носители на вечниот живот. Избегнувајте ги кавгите, неслогите и разделбите. Секогаш да бидете сложни меѓу себе и соборно да ги прославувате празниците како и денес, кога ете нашата радост е уште поголема, гледајќи ве во толкав голем број, тука во овој манастир, собрани во Црквата – која како мајчинска утроба нѐ раѓа, храни, созрева и соединува со Бога, преку нашето учество, во светите тајни, во богослуженијата, а и преку благодатното застапништво на Пресветата Богородица.

Во овој манастир се собравме денес и заради храмовата слава на првата манастирска црква, која е посветена на денешниот празник „Успение на Пресвета Богородица“. Таа во минатото била главна манастирска црква на Лешочкиот манастир, кој денес претставува прекрасно место, кое го краси и благословува целиот овој Полошки крај, каде е подигнат и престојува и ќе престојува низ времето, а денес, во овие мигови, во него од сите краишта „на бесмртното Твое Успение не собра...“ Богородице Дево – „застапувај се за сите нас, добра Владичице, Родителке на добриот Владика, води нѐ каде што сакаш, и запри ги нашите страмни страсти, смири ја бурата, и води нѐ кон мирното пристаниште на Божјата волја, и удостои нѐ со идното блаженство, и слаткиот и личен блесок од Воплотениеот од Тебе Бог Логос,“ – Кому заедно со Отецот и Сесветиот и Животворен Дух Му доликува слава, сега и вечно. Амин!