13та недела по Педесетница


г. Јосиф, митрополит Тетовско – гостиварски 03.09.2017 г. Брвеница

Да постанеме Христови другари и ученици

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот:

Тоа е од Господа, и чудесно е во очите наши

(Матеј 21,42)

Драги браќа и сестри,

Денешното свето Евангелие прочитано на Божествената литургија во овој свет храм посветен на светиот Атанасиј Велики во с. Брвеница говореше за параболата за лошите и неблагодарни лозари, кои испаднале предавници. Параболата е сликовита. Еден домаќин дал лозје под наем. Многу пати праќал слуги да ја наплатат наемнината, но наемниците ги убивале сите слуги. Потоа конечно го пратил и својот син, мислејќи дека ќе го почитуваат. Кога го виделе синот негов, наемниците решиле да го убијат за да остане имотот за нив. Толкувањето на параболата е неопходно. Лозјето е еврејскиот народ. Домаќинот, кој грижливо го посадил лозјето, го оградил и подготвил сѐ за времето кога ќе донесе плод е Бог, Кој ги одбрал Евреите да бидат Негов народ, ги заштитил од нивните непријатели, ги хранел со Својата вистина и ги упатувал по Неговиот пат. Лозарите на кои лозјето им било изнајмено се еврејските водачи од сите поколенија. Низата слуги што биле праќани од домаќинот за да земат дел од плодот на лозјето и кои биле каменувани и убиени биле пророците, кои Бог му ги испраќал на Израилот да го говорат Неговото слово. Синот на домаќинот кој бил пратен како последен повик до нив е Самиот Господ Исус Христос, Кој ја кажал оваа парабола во вторникот од Страсната седмица – токму пред Неговото распнување.

Оваа приказна, почитувани верници, се однесува на сето неблагодарно човештво, вклучувајќи нѐ и самите нас – „современите лозари“, кон Бога. Наспроти сета Негова љубов, сите Негови чуда, наспроти сѐ што Он направи за нас, ние остануваме крути и егоцентрични, мислиме само за себеси, не мислиме на нашите ближни, а уште помалку на Бога, неблагодарни сме, полни со себељубие, сконцентрирани на самите себе, на она што го сакаме и посакуваме, што по секоја цена ни изгледа потребно. Но, Он сепак и покрај сѐ не љуби и ни подава рака, ни нуди секогаш можност да го прегрнеме и да влеземе во Неговиот дом – Светата Црква, и да му заблагодариме за сите добрини што ни ги направил и прави. Позитивно да одговориме на Неговата љубов. Денес, потсетувајќи не Евангелието, да си го поставиме сите ние и да се соочиме со прашањето: Каде е мојата благодарност кон Бога? Денес повторно ни се дава шанса да се осудиме себеси и да започнеме нов живот. Нашата благодарност кон Бога се состои во верата и во исполнувањето со радост на Неговите заповеди, во подршката на нашите ближни, во воспитување на нашите деца во Неговата вера.

 

Почитувани учители и родители,

Ете на прагот сме на уште една учебна година. Во тој контекст ќе проговорам малку за денешното образование и воспитание. Денес е занемарено образованието на детското срце, бидејќи големо внимание му се обрнува на умот. Поради сето тоа сѐ почесто гледаме непослушни, непокорни деца, кои иако имаат високо образование, сепак им фали она вистинското образование, стекнувањето на Христовиот образ и добродетели. Да не бидеме и ние како лозарите и ѕидарите од денешната парабола, кои го отфрлиле Христа, туку да станеме Негови подржаватели и да обрнеме сериозно внимание на воспитанието на своите деца, кои се иднината на овој свет. Да се погрижиме во нивните души и срца уште од раните години да го внесуваме доброто семе на верата, бидејќи кога ги поучуваме од почетокот на нивниот живот – тие нема да скршнат од него, ниту кога ќе остарат (види: Изреки 22,6).

Ја користам ова пригода да ги охрабрам и пофалам и воедно да им се заблагодарам на вашиот парохиски свештеник, протоереј Ивица, како и на вероучителот, ѓакон Илија за сиот труд околу организацијата на овој настан, кој треба да премине во традиција, бидејќи од најголема полза е благодатта од Божјиот благослов здобиена на почетокот од учебната година за преуспевање во науката.


 

Најмили мои деца,

Мислејќи што да ви проговорам Вас најмили и најмлади чеда, кои се наоѓате на почетокот еден нов предизвик – новата учебна година, читајќи и размислувајќи до мене дојде еден мошне интересен разговор на еден епископ со едно дете за целта на христијанскиот живот и нашиот однос со Бога, кој како поука сакам да го споделам со вас. Еден епископ го водел следниот разговор со едно дете: „... кажи ми го ова: дали ти нешто знаеш за Христос?“ „Да!“. „Дали си го читал Евангелието?“ „Па, баба ми и мајка ми ми раскажувале, и јас нешто сум читал, а го слушам и во црква“. „Кажи ми дали Христос ти се допаѓа како човек?“ „Да“ „Дали би посакал да се дружиш со Него?“ „О, да“ „А дали знаеш што значи да се биде другар?“ „Да, тоа значи да се биде другар.“ „Не, тоа не е доволно. Другар е човек кој е верен на на својот другар во сите животни околности, кој е подготвен сѐ да направи само за да не го разочара, да не го изневери, да остане со него, дури и ако сите го остават. Другар е човек кој до крај е верен на својот другар. Еве замисли: ако Христос би бил младич и ако целиот клас се кренел против Него, што ти би сторил? Дали во тебе би имало доволно другарство, односно верност и храброст да застанеш зад Него и да кажеш: „Ако сакате Него да го тепате, тепајте ме и мене затоа што и јас сум со Него? Ако можеш да кажеш во односот со Христос дека си подготвен да бидеш таков Христов другар тогаш можеш да кажеш: Да, јас сум Христов другар! И тогаш можеш себеси да си поставуваш прашања, да го читаш Евангелието, да им поставуваш прашања на другите луѓе околу себе. Можеш да поставиш прашање за тоа како да го проживееш животот, за да Он не се разочара од тебе, како можеш да живееш за да Он се радува поради тебе, гледајќи каков си човек и каков си постанал поради тоа пријателство. Дали сфакаш?“ „Да“. „И дали си подготвен за ова?“ „Да.“ „Ете, тоа е целиот христијански живот“. Така завршил разговорот.

И јас најмили дечиња Ве повикувам да другарувате со Христос, нашиот Господ во светата Црква, да учите од Него нашиот вечен Учител и како негови верни другари и ученици да  Го славите сега и секогаш и во сите векови! Амин!

Нека е благословена новата учебна година!