Бог се јави!


г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски 19.01.2018 г св. Кирил - Водици

Бог се јави!

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Еве го јагнето Божјо кое на Себе ги зеде гревовите на светот“

(Јован 1,29)

Драги браќа и сестри,

          Во овој славен ден го славиме откривањето на тајната на наизменливата и неразделна Троица, и земјата и морето се радуваат. Денес, кога сиот свет е исполнет со духовна радост, од овој амвон во Соборниот храм во Тетово ја споделуваме со сите Вас – неискажливата радост, радоста на Богојавлението. Денес Сонцето на правдата, Христа Бога, Кој е „над секоја чистота“ оди при Јована на Јорданските води за да нè ослободи од ропството на нашиот непријател ѓаволот. Небесата се отвори, Светиот Дух во вид на гулаб се спушта над Него, а Отецот сведочи: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!”. Кој ќе го понесе врз себе гревот од светот и засекогаш ќе го победи непријателот на светот. Бог го осветува човештвото. Ги освети водните извори и засекогаш го просветли умот на човештвото.

Денес се сеќаваме на еден голем и важен настан од Христовиот живот на земјата, на Неговото Крштение. Кога Он навршил триесет години од телесното раѓање, го започнал Својот учителски и спасителен подвиг. И самиот почеток на тоа го означил со примањето на Крштение на реката Јордан. Како што вели свети Кирил Ерусалимски: „Почеток на светот е водата, почеток на Евангелието е Јордан“. При Крштението Христово се објавила и онаа тајна што во Стариот Завет само се навестуваше, тајната на Божествената Троица. Тогаш како што сведочи евангелистот Матеј се јавуват сите три Лица (ипостаси) на Пресвета Троица: Отецот му се јави на сетилото за слух, Духот на сетилото за вид, а Синот дури и на сетилото за допир. Отецот го изговори Своето сведоштво за Синот, Синот се крсти во вода, а Светиот Дух во вид на гулаб лебдеше над водата. И во тие мигови свети Јован Крстител посведочил и рекол за Христа: „Еве го јагнето Божјо кое на Себе ги зеде гревовите на светот“ (Јован 1, 29) и Го потопил и Го крстил во Јордан.

Почитувани верници,

          Богојавлението, јавувањето на нашиот Троичен Бог при Кршетението на нашиот Спасител го украси тажниот свет со голема радост. Божјата светлина го просветли секое создание. Бог од неискажлива љубов кон нас се јави во светот и ни го покажа патот на нашето спасение. Христа како човек слезе во водата, и се соедини, не само со човекот, туку и со целата материја. Он се поистовети со сето човештво, со оние на кои им треба прошка на гревовите и спасение. Дојде заради нас и се крсти не затоа што имаше потреба од очистување, туку за да го домоустрои спасението на нашите души. Со осветувањето на водите ни дарува очистителна благодат и секој од нас го охрабри да пристапи кон тајната на крштението. Он ни даде пример за нашето крштение, кое е совршено, а се извршува со вода и Свет Дух. На Јордан, Господ јасно посведочи дека не дојде во светот, за да му суди на светот, не дојде да му наметнува закони и правила на светот, туку станувајќи како нас, соединувајќи се со нас, дојде за да нѐ направи учесници во Божествениот живот.

 

Драги браќа и сестри,

          Денес нажалост живееме во едно општество, кое се стреми кон безбожност и атеизам, кон негирање на Божествените вистини и свети тајни, кон пропагирање на лажни „вредности“ и „вистини“ наспроти вечно откриената Вистина – Христос, нашиот Спасител, Кој од љубов дојде, се крсти и посведочи и Кој постојано нè повикува на патот на спасението. Но, сепак во наши раце е изборот – дали ќе се одлучиме да го прифатиме учеството во Божествениот вечен живот и дали ќе го следиме патот што ни го покажа Христос или ќе се одлучиме за спротивниот и краток пеколен пат. Ние, со нашата слободна волја треба да го направиме изборот. Ако сакаме да живееме вечно треба да пред сè да веруваме во нашиот Троичен Бог, онака како што го исповедале светите отци. „Треба со набожност да ги исповедаме нероденоста, роденоста и исходењето, трите лични својства, неподвижни и непроменливи на Лицата на Пресвета Троица: Отецот, како нероден и беспочетен; Синот, како роден и беспочетен; Светиот Дух, како исходен од Отецот, испратен преку Синот  и совечен“. Исто така треба да веруваме и да ги практикуваме Светите тајни. Да веруваме во Христовите зборови „кој поверува и се крсти ќе биде спасен“ и истите да ги практикуваме. А ги практикуваме само тогаш кога веруваме во благодатта на Крштението, кое ги потопува гревовите на секој човек и ја измива секоја скверност. Крштението е и наш влез во Цартсвото Божјо. Преку него сите ние стануваме деца Божји по благодат. Затоа да не забораваме да ги крштеваме нашите најмили. И освен тоа, во нашиот живот треба да научиме да живееме за вечноста, мораме да се бориме со гревот, треба да научиме добро да мислиме и посакуваме, да сакаме и да веруваме. Само ако така постапуваме, секогаш ќе живееме во мигот на Богојавлението, и ќе повторуваме, истовремено, исповедувајќи заедно со сета Црква Христова, со ангелите и светителите, дека: „ја видовме вистинската Светлина, Го примивме Духот Небесен, ја најдовме верата вистинска, поклонувајќи ѝ се на неразделната Троица!“.

 

Возљубени,

          Денешниот празник е од исклучителна важност. Празникот Богојавление се нарекува и Просветлување. Зашто настанот на Јордан нè просветлува, прво: покажувајќи ни Го Бог како Троица еднобитна и неразделна. И второ: бидејќи секој од крстените во вода се просветлува, бивајќи восиновен од Отецот на светлината, со заслуга на Синот, со силата на Светиот Дух. Затоа овој празник не е само церемонија и нашето празнување не смее да се сведе само на учествување во световен настан како што за жал се случува во наше време, туку за да учествуваме во радоста на овој празник и за да очистителната жива вода може да го очисти нашето срце – мора да учествуваме со љубов во вистинската заедница собрана на Литургијското богослужение и да не се одделуваме и да не Го забораваме нашиот Бог Господ, Кој ги зеде врз Себе гревовите на родот човечки и го осветил овој свет, давајќи му ја на човекот можноста вечно да живее доколку умре како стар и гревовен човек, а оживее како очистен, обновен и прероден.

          Сето црковно богослужение, сè она што се случува во Црква, сето тоа е за нас, за човекот и за негово спасение. И оваа вода, која Господ ја осветува преку свештеникот, но повторно нагласувам: неа ја осветува Христос за наше осветување. Сите ние денес, кои доаѓаме при Христа, од Него добиваме дар на жива вода, дар на нов, чист и обновен живот. Тој дар да го искористиме за конечно да се соединиме со Бога, правејќи му место во нашето срце и да се најдеме во неговата секогаш отворена прегратка, во рајската населба на вечното спокојство, Царството Божјо.

          Благодатта на нашиот Господ Исус Христос, и љубовта на Бога Отецот, и заедницата на Светиот Дух да бидат со сите вас“. Амин.

Бог се јави! Навистина се јави!

За многу години!