О кога би можел да се удостојам во оган и маки да завршам за името на Исус Христос, мојот Бог и Господ!


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,
    Со овие зборови, младиот маченик Трифун, чиј спомен денес го празнуваме – ги прифатил и храбро ги претрпел маченичките страданија за Христа, нашиот Спасителот. Во овој ден, според традицијата, славејќи го споменот на свети Трифун, кој е покровител на лозарите и градинарите и заштитник на лозјата и градините, дојдовме при овие лозови насади, да го извршиме Чинот на благословување на нивите и лозјата и да го започнеме нивното закројување со Божји благослов без кој не можеме ништо да направиме.
Почитувани,
    Во оваа прилика сакам да да си спомнеме за животот на светиот Трифун, младиот маченик. Тој е роден во селото Кампсада во Фригија од сиромашни родители. Во детството бил чувар на гуски. И уште од детството врз него била голема Божја благодат и можел да исцелува болести кај луѓето и кај животните и да изгонува бесови. Во тоа време со Римското царство завладеал царот Гордијан, чијашто ќерка слезе од умот и со тоа го фрлил царот во голема жалост. Ниеден лекар не можел да ѝ помогне на лудата Гордијана. Тогаш демонот прозборел преку девојката и рекол дека освен Трифун никој не може да го истера. После многумина Трифуни ширум царството, по Божја Промисла го повикале и овој млад Трифун. Го довеле во Рим и тој ја исцелил царската ќерка. Царот му подари многубројни дарови, а тој на враќање им ги разделил на сиромасите. Потоа ова свето момче продолжило да чува гуски и да Му се моли на Бога. Кога се зацарил, пак христоборниот Декиј, Свети Трифун бил малтретиран и свирепо измачуван заради Христа. Но тој со голема радост ги поднел сите мачења, велејќи: „О кога би можел да се удостојам во оган и маки да завршам за името на Исус Христос, мојот Бог и Господ!“ Маките не му наштетиле ни малку и најпосле мачителите го осудиле на смрт со меч. Му се помоли на Бога и издивнал во 250 година.
Возљубени во Господа,
    Житието на свети Трифун е вистински извор за неговиот свет живот. Сакам сите да знаете и да ги отфрлите заблудите кои нажалост до ден денес можеме да ги слушниме за светиот Трифун. Во никој случај не треба да ги прифатиме тие неосновани озборувања за него, туку и кога некој ќе чуеме да зборова лоши зборови за него, да го прекратиме и да го поучиме за вистинската личност на светителот, кој претрпел големи маки и страданија за својата силна вера.
Сите ние треба да се трудиме да здобиеме и да имаме што посилна вера како нашиот денешен славеник светиот маченик Трифун, кој без ни најмалку страв, имајќи огромна љубов пострадал и на дело ја посведочил верата. И ние да ја посведочиме верата, правејќи добри дела и молејќи се за нашите ближни, за нашите познаници, пријатели, но и за нашите непријатели.
    Молејќи се на светиот Трифун, заштитникот на лозарите, денес да излеземе на нашите лозја, да го извршиме чинот на благословување и закројување на лозата и на таков начин да го повикаме Божјиот благослов да пребива врз нашите плодови, но и врз трудот кој треба да го вложиме во обработувањето на производите. Денешниот ден да го поминеме молитвено, онака, како што прилега на вистински православни христијани, а не во ненаситно јадење и неумерено пиење, зашто таквите дела нам не ни приличат и спротивни се на Божјиот закон. Благословот од Бога и Црквата ќе го стекнеме само тогаш, кога нашата молитва ќе биде трезвена, разумна и срдечна, а не плитка и безумна. Токму затоа, Господ Бог нека го благослови разумното делото од нашите раце, кое ќе принесе плод достоен за Божја слава и за наша корист, како телесна, така и духовна. Амин!
За многу години – нека е празникот! Дај Боже секоја година колку може во поголем број и соборно да го започнуваме празнувањето на овој празник! Бог по молитвите на светиот маченик Трифун да Ве благослови!

 


г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски Св. Трифун 14.02.2018 г.
Покровителот на лозарите