СЕГА ГО ОТПУШТАШ СВОЈОТ СЛУГА ВО МИР, ВЛАДИКО, СПОРЕД ЗБОРОВИТЕ ТВОИ. (ЛУКА 2,29)


Да се сретнеме со Бога

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Во овој февруарски ден, дојдовме во нашиот храм како старецот Симеон да Го сретнеме нашиот Бог и Спасител, Господа Исуса Христа. Дојдовме да си споменеме за настанот, кога во четириесеттиот ден по Рождество Христово, Пресветата Дева Го донела својот Божествен Син во ерусалимскиот храм за, според Законот, да Му Го посвети на Бога, а и самата да се очисти (Левит 12, 2-7; Исход 12,2). Иако не беше потребно ни едното ни другото, сепак Законодавецот никако не сакал да се огреши кон Законот, којшто Самиот го беше дал преку Својот слуга, Пророкот Мојсеј. Во тоа време во храмот држел чреда првосвештеникот Захариј, таткото на Свети Јован Предвесник. Тој Ја сместил Богородица не на местото за жени, туку на она за девојки. Во таа прилика во храмот се појавиле две необични личности: старецот Симеон и Ана, ќерката Фануилова. Старецот Симеон долги години го очекувал Спасителот на светот. Во тој миг праведниот старец го зел на своите раце Месијата и рекол: „Сега отпушти го Твојот слуга, Господи, зашто го видоа очите мои спасението Твое“. Уште ги додал следните зборови: „Гледај, овој лежи за подигање и паѓање на мнозина во Израилот“. Тогаш се исполнило пророштвото на ангелот, кој му се јавил на Симеон, кој при преводот на книгата од пророкот Исаија, кога дошол до делот со пророштвото: ете, Девица ќе зачне и ќе роди Син (Исаија 7,14), се посомневал, застанал и се запрашал: како може девица да роди дете? Потоа зел нож и сакал да го измени пророштвото во својот ракопис. Во тој миг му се јавил ангел Господов и, задржувајќи му ја раката, му рекол: „Верувај во тоа што е напишано. Ти самиот ќе го видиш тоа, зашто нема да умреш додека не го видиш родениот од Пречиста Дева, Господ Исус Христос“. Симеон поверувал во зборовите на ангелот и на пророкот и со ревносна желба го очекувал Христовото раѓање и ете го дочекал и откако со стравопочит и радост го зел Господа в прегратка и откако Му заблагодарил на Бога за утехата што Му ја дал на Израелот, го испуштил својот дух. Ана пак, која од младоста Му служела на Бога во храмот во пост и молитва и самата Го познала Месијата, па Го прославила Бога и им објавила на ерусалимјаните за доаѓањето на Долгоочекуваниот. А фарисеите, присутни во храмот, штом виделе и слушнале сѐ , се разгневиле на Захарија зашто ја поставил Дева Марија на местото за девојки и му јавиле за тоа на царот Ирод. Уверен дека тоа е Новиот Цар за когошто говореа ѕвездогледците од Исток, Ирод брзо испратил да Го убијат Исуса. Но, во меѓувреме Божественото семејство веќе поодминало од градот и според упатство од ангелот Господов се упатило кон Мисир.

Почитувани,

Денешниот празник Сретение меѓу христијаните се празнува уште од самиот почеток, но торжественото празнување на овој чудесен ден е особено востановено во 544 година, во времето на царот Јустинијан кога во светот владееле болести и земјотреси, а по воспоставувањето на празникот истите веднаш престанале. Самото сретение со Бога е радосен настан, а зборот сретение означува среќа. Дали има поголема среќа, односно поголема радост за православниот христијанин од средбата, од сретението со Бога? - Нема! Бидејќи целта на православниот христијанини е да се сретне со Бога и да живее во заедница со Него.

Возљубени,

Од овој празник треба да извлечеме добри поуки. И ние како старецот Симеон треба целиот свој живот да го живееме со вера во Бога и со надеж дека еден ден не само што ќе Го сретнеме, туку вечно ќе бидеме во Негова близина во Неговото царство. Господ Бог и за тоа не дарува со долг живот и со повеќе години, кои треба да ги искористиме во постојан труд, покајание, ревнувајќи во исполнувањето на секоја Божја заповед. Свети Теофан Затвореник во својата беседа за Сретение нè советува: Да бидеме неотстапни на патот пред Бога, и да го насочиме кон Него целото внимание на умот, сите чувства на срцето и сите желби на волјата... Ако го правиме тоа за брзо ќе Го сретнеме Господа. Не постои друг олеснителен подвиг неопходен за посакуваната средба со Господ. Единствено, Исусовата молитва: Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме – силно и моќно може да помогне како дел од подвигот. Но повторно, не самата од себе, туку под услов сите сили на нашиот дух да бидат насочени кон Господ! Молејќи се, ние ќе се удостоиме со блаженство не помалку од старецот Симеон, зашто со устата и со срцето Го примаме Господа Исуса Христа, кога се причестуваме со Неговите свети тајни... - ни вели пак светиот праведен отец Јован Кронштадски, кој советувајќи ги верните постојано нагласува дека треба да се пазиме и да ги намалиме нашите безаконија, нашето нашето неверие, нашата негрижа за спасението, неблагодарноста, лошиот нарав и бездушноста наша.

Затоа секогаш да се трудиме и со сите сили да бегаме од сепогубното чудовиште – гревот. Да ги убиваме гревовите во самите себеси! Постојано да се каеме, да постиме и да се молиме, бидејќи без пост, покајание и без молитва, ќе наликуваме како воин без оружје, а така христијанинот не може да го победи гревот што живее во него – за на крај да се удостоиме да бидеме во прегратка во Бога. Во таа насока „Бидете трезвени, бидете будни“ (1 Петар 5, 8). Најнапред „Барајте го она што е горе... и вашиот живот ќе биде сокриен со Христа во Бога“ (Кол. 3, 1-3). Тогаш, „соединувајќи се со Господ во еден дух“ (1 Кор. 6, 17), откако ќе Го видите, „ќе се зарадува вашето срце и вашата радост никој нема да ви ја одземе“ (Јован 16, 22), ниту во овој век, ни во идниот. Амин.

 

г. Јосиф, митрополит Тетовско - гостиварски