Да бидеме чувари на Православието 


 „Вистина, вистина ви велам: отсега ќе го гледате небото отворено и ангелите Божји како се искачуваат и слегуваат над Синот Човечки.”
 (Јован 1,51)

Драги браќа и сестри,
Светата православна црква, уште во деветтиот век, го воведува празнувањето на повторното враќање на светите икони во храмовите, и победата на православната вера над сите еретички учења – токму во оваа прва недела од Великиот пост, која се нарекува триумф на Православието. 
Овој празник го вовела царицата Теодора заедно со Константинополскиот патријарх свети Методиј како потврда на одлуките на Седмиот вселенски собор од 787 година кога се донела одлука да се почитуваат светите икони, но потоа се случило иконоборството и Црквата Божја проживеала тешки моменти и гонење од иконоборците, кои погрешно учеле дека со почитувањето на иконите правиме идолопоклонство. Нивното погрешно учење се состоело во тоа што тие погрешно мислеле дека верните ја почитуваат материјата од која се направени светите икони. Таа нивна ерес, нажалост наишла на подршка од тогашните власти, кои поведиле вистинска војна против уништување на иконите и на верните кои ги почитувале иконите. 
Иконоборството конечно се смирува по смртта на царот Теофил, кога власта ја зема неговата жена, царицата Теодора, а во време кога на патријаршискиот престол бил поставен патријархот Методиј, кој многу пострадал од иконоборците. И така, во првата недела од Великиот пост, на 11 март 843 година, во соборниот храм „Света Софија“, свечено било објавено воспоставувањето на иконите и нивното почитување. Па во спомен на овој настан, и за да не се случи пак да паднеме во оваа богоборна ерес, заповедано e секоја година да се слави споменот на овој настан, кога ние во знак на потсетување и почит ги изнесуваме светите икони и со нив правиме литија, со цел да пожаме дека ја исповедаме вистинската вера, верата на нашите татковци.
Почитувани,
Секоја ерес, секое погрешно учење ја разнебитува едната, света, соборна и апостолска Црква. Црковната историја и токму настанот, на кој денес се сеќаваме и го славиме доволно ни зборуваат дека ересите секогаш се појавуваат како плод на гревот на човекот, како плод на гордоста, како резултат на егоистичноста на човековата личност, која наместо во центарот на своето постоење да го стави Бог се поставил самиот себеси и со текот на времето истиот постанал мерило за сите свои постапки и извор на единствената вистина. Нажалост такви луѓе понекогаш добиваат и црковна власт и тогаш настануваат проблеми и соблазни, па дури и ереси – лаги наместо вистини. Тие луѓе некогаш се толку убедливи што имаат и големо влијание кај народот, кој збунет, започнува понекогаш како што спомнува апостолот Павле и како што слушнавме од денешниот апостол,  „хулењето на Христа да го сметаа за поголемо богатство...“ (сп. Евреи 11,26). Затоа сите ние треба да бидеме внимателни. Потребно е да ја разликуваме вистината од лагата. Како верници потребно е да си јапознаваме верата наша православна и да веруваме и да опстојуваме во неа со сите наши сили. На тој начин ќе успееме да знаеме кој пастир е од Бога и кој ја говори вистината, која сме должни да ја браниме и сочуваме чиста. Никогаш да не се поставуваме себеси за мерило на духовниот живот, туку истиот да го довериме на свештениците и на тој начин сите правилно да одговориме на повикот, да допринесуваме кон заштитата, да бидеме чувари на Светото Православие, бидејќи ние немаме ништо посвето од нашата вера.
Возљубени,
Во оваа прва недела од Великиот пост најпотребно е да го отсечиме гревот во коренот, за да во текот на останатите недели од постот успееме духовно да напреднуваме. Најпотребно е да ја отфрлиме горделивоста, бидејќи „Горделивоста е почеток на гревот“ (Мудр. Сир. 10, 15). Гордоста е причина за гревопадот, но и причина за разбитување на нашето Православие, кое денес го слави триумфот над невистините. Гордоста Му е одвратна на Бога, и Бог, во срце горделиво не се вселува, затоа да се потрудиме и ние како и апостолите Филип и Натанаил да поверуваме вистински и да одиме по Христа за да успееме да го „гледаме небото отворено и ангелите Божји како се искачуваат и слегуваат над Синот Човечки“ (сп. Јован 1,51). Амин!

г. Јосиф, Митрополит Тетовско-гостиварски 25.02.2018 Недела на Православието св. Кирил