Постот – лествица кон небото


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Сe е можно за оној што верува! (Марко 9,23)

Драги браќа и сестри,

Една по друга поминуваат седмиците на Великиот пост. Постепено стигнуваме до крајот на постот и како што се приближуваме искушенијата се поголеми. На почетокот од постот силите ни се поголеми, а како што чекориме од ден на ден, а понекогаш и на самиот крај – чувствуваме дека не сме направиле ништо од она што сме се надевале и што сме намислиле да го направиме. Но, во овие мигови, во четвртата недела од Великиот пост – посветена на светиот Јован Лествичник, Светата Црква значително преку неговиот лик и дело и преку денешното Евангелие нè поучува да не се разочаруваме, туку уште посилно да ја започнеме духовната борба, та дните на постот да ги направиме вистинска лествица, да ни послужат како скалила за нaше искачување кон рајската населба.  

Поуките од оваа недела изобилуваат со мотиви. Самото сведоштово на големиот подвижник свети Јован Лествичник, кој има голем придонес во откривањето на тајната на духовниот живот: за потребата од вистинска духовна борба, за силата на подвигот и аскезата – ни служат за голем поттик и како подршка да го изодиме времето на постот до крај, зашто според Господа, само „оние кои издржат до крај ќе бидат спасени“ (Матеј 24,13). Исто така и поуките од денешното свето евангелие јасно сведочат во прилог на важноста на духовната борба и дека постот и молитвата се нашите најголеми оружја во зајакнувањето на нашето духовно растење, кое е долг процес, во кој треба да се движиме чекор по чекор, скала по скала, трудејќи да собереме што повеќе духовни сили за да извојуваме победа на ѓаволските искушенија, кои владеат во светот, насекаде околу нас.

Почитувани,

Сега, кога помина повеќе од половината на Великиот пост, Црквата нè потсетува дека нашиот пост не треба да е само физички и телесен, туку пред сè духовен, пост исполнет со созрцание на нашата духовна состојба, со подвиг и аскеза за очистување на нашето срце, за просветлување на нашиот разум и за достигнување на обожението. На тој наш пат кон нашето духовно усовршување во овој Велигденски пост треба да бидеме трпеливи како нашиот праотец Авраам, кој со долго трпение – го доби ветеното (сп. Евреи 6,15) и да го следиме животниот пример на светиот Јован Лествичник, кој горејќи од љубов кон Бога се принел самиот себе си како света жртва на Бога. Од најрана младост се посветил на Бога и се предал на молчание. Јадел се што беше дозволено според заповедите, но мошне умерено, совладувајќи ја мудро горделивоста. Спиел само колку да не ја повреди природата со бдеењето. Неговата молитва била постојана, а љубовта кон Бога неизмерна. Живеејќи така богоугодно, напишал многу книги, а неговото најпознато дело Лествица (Рајска скала), во кое го изложил своето учење за духовното усовршување – треба да ни послужи и нас при патот на нашето искачување кон небото, пат кој ние како што слушнавме од денешното евангелие не можеме да го искачиме на никој друг начин „освен со молитва и пост” (Марко 9,29).

Постот и молитвата во духовната борба се оживотворуваат преку верата. Токму за тоа сведочи денешното свето евангелие во кое се зборуваше за чудото со исцелувањето на момчето коешто од своето детство боледувало од нечист дух. Од евангелските зборови јасно можеме да забележиме дека неверието е причината за нашата духовна, па потоа и телесна немоќ. Затоа Господа Исуса Христа се обраќа кон народот: „О, роде неверен, до кога ќе бидам со вас?“ (Марко 9,19). Неверието, состојбата на немање вера во Бога секогаш нè води до безнадежност, зошто ние не можеме да живееме без Бога, не можеме да живееме вистински и нормално без вера, бидејќи во тие мигови стануваме подложни на многубројните ѓаволски искушенија. Таткото на момчето е типичен пример на човек, кој се одалечил од Бога и кој немал вера, па поради тоа Господовите ученици не можеле да го излекуваат неговиот болен син. Но неговиот копнеж својот син да го види здрав бил многу голем, така што имајќи огромна потреба од помош за своето чедо, Му пристапи на Христа, велејќи: Ако

можеш, смилувај се над нас и помогни ни! Му се обрати со сомнеж со зборовите: ако можеш,– на Оној Кој сè може, но родителот тоа не можел да го знае, бидејќи немал вера. Тој човек имал сè што му е потребно да биде добар родител, а му недостасувала само вера. Бога, знаејќи го тоа му се обратил: „Ако можеш да поверуваш? Сe е можно за оној што верува!” (Марко 9,28). Таткото на демонизираното момче низ солзи веднаш возвратил: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!“ (Марко 9,24). По што Божествениот Лекар и Искупител со својата божествена моќ го излекувал болното момче. Откако го излекувал момчето апостолите го прашале својот Учител зошто неможеле да го истераат лошиот дух, на што Бога им одговорил „Тој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост.” (Марко 9,28-29) на што укажал на важноста од постот и молитвата во духовниот живот на секој човек и во борбата со нашиот непријател - ѓаволот.

Она што е особено важно за нас е тоа што преку ова големо чудо не само на таткото, на насобраниот народ и на учениците, тука и на нас Божествениот Учител ни го покажал вистинскиот начин, вистинскиот подвиг за духовно лекување – аскетскиот подвиг преку кој се стекнува здравјето и исцелувањето, кое го добиваме по мерата на нашите аскетски подвизи во верата во Бога, која може да нè излекува од секоја немоќ.

Возљубени,

Затоа да не бидеме неверни, туку верни! Секојдневно, како што поминуваат дните од постот, како што физички чекориме до денот на славното Воскресение Христово – така и духовно да чекориме и полни со вера и со добродетели постепено, но сигурно да се искачуваме на рајските скали, на лестицата што до вистинскиот живот нè води. Да се потрудиме да поживееме добар духовен живот, да постиме искрено, нашиот пост да го следи искрено покајание и смиреност за своите гревови, да се оттргнеме од она што нѐ заробува за време на сиот живот – сите грижи и интереси – за успешно да го завршиме постот, а ако така правиме Бог ќе ни даде сили да ги победиме и да ги изгониме бесовите и лошите духови од нашиот живот. Тие бесови се: зависта, злобата, раздорот, развратот. Да се поучиме и да земеме пример од свети Јован, кој успеа да ги победи лошите

бесови, постејќи и молејќи додека беше жив – така и ние да се трудиме за да како него осветени во лоното на Црквата живееме вечно, а ќе живееме вечно ако веруваме – бидејќи според Божјите евангелски зборови: Сe е можно за оној што верува! (Марко 9,23), а ние знаејќи го тоа, духовно болни по молитвите на светиот Јован Лествичник да извикнеме со љубов кон Лекарот на нашите души и тела: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!” (Марко 9,24). Амин!