Животоносниот извор на Пресветата


г. Јосиф, митрополит Тетовско - гостиварски

Животоносниот извор на Пресветата

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Твојот извор, Дево, сите ние го гледаме како нов Силоам, кој ослободува од болести...

(од канонот на празникот)

Драги браќа и сестри,

Во овој априлски ден, во првиот петок по Воскресението на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, кога сеуште сме во радоста на светлото Воскресение, поздравувајќи се со најрадосниот поздрав: Христос воскресе! -  дојдовме во овој храм свечено да го прославиме празникот Источен петок – Балаклија, да се потсетиме за возобновувањето на храмот на Пресвета Богородица во Балаклија, крај некогашниот Константинопол, денешен Истанбул. Дојдовме да и одадеме чест на Мајката Христова, Која на светот до ден денес му излева голема милост, изобилна за сите оние што имаат потреба. Навистина богата и неисцрпна е неизмерната милост на Пресветата, а тоа го сведочи и денешниот празник, тоа го потврдуваат многуте чуда, кои до ден денес се случуваат во нејзиниот „Храм на Живоносниот Источник“, во кој се уште постои благодатниот извор, чија што вода, по благословот на Пречистата, е животворна, благодатна и исцелителна од тешки болести.

Почитувани,

Денешниот празничен ден е посветен на прославувањето на Пресвета Богородица, која во денешните богослужбите, заради чудата што се случувале на изворот, кој се наоѓал покрај  храмот „Животоносен источник“е наречена и Животоносен Источник. Тој храмот бил изграден во петтиот век по залагањето на царот Лав Велики. Според преданието, уште додека не бил цар на Византија, во ближната шума Лав наишол на еден слеп човек, кој го довел до изворот на кој го измил и му дал да пие од водата, по што слепиот прогледал. Кога станал цар, на местото каде што се случило чудото, ѝ изградил храм на Пресвета Богородица, во знак на благодарност кон Неа. Набргу после тоа, многуброен народ започнал да доаѓа во тој храм од сите страни, барајќи и наоѓајќи лек за многуте болести. Меѓу нив бил и подоцнежниот цар Јустинијан I, кој примајќи исцеление на тој извор, го обновил и проширил храмот кој бил срушен по земјотресот. Царевите Василиј I Македонец  и неговиот син Лав VI Мудриот повторно го обновиле храмот и изворот, од кои се точеле голем број исцеленија за народот. Во синаксарот на овој празник се спомнуваат многубројните исцеленија од многу болести, но и воскресението на еден мртовец, како чуда кои се случиле на храмовиот извор. Храмот и изворот до ден денес постојат во денешен Истанбул и на дело ја сведочат благодатната сила на Богомајката.

Возљубени,

Во пасхална радост обвиени, да ја прославиме Мајката на вистинската Светлина, Која го просветлува секој човек, што доаѓа на светот (сп. Јован 1,8-9) и да И речеме: Радувај се, Живоносен извору, кој разлеваш чудеса со излевање на благодатта! Втор Силоаме, кој испушташ преславна вода како од камен и го имаш дејството Јорданово! Да прибегнуваме постојано во молитви пред Неа, сите ние кои сме изморени и обременети (сп. Матеј 11,28) и да се поучиме од Богомајката. Да бидеме послушни, смирени и трпеливи, да веруваме и да се молиме, бидејќи молитвата придружена со вера е силна и може да не ослободи од маките, од болестите, од страданијата. Да ги посетуваме болните, да им помагаме на оние кои страдаат и на оние кои им е потребна нашата помош. Ако немаме „сребро и злато“ (сп. Дела 3,5) како што слушнавме од денешното апостолско четиво - сите ние имаме можност барем да кажеме добар збор, бидејќи некогаш на човека и ништо друго не му е потребно, освен благата вест, освен името на вечниот Утешител, Воскреснатиот Господ Исус Христос, Кој нè успокојува по молитвите на Неговата Мајка, Која пак постојано нè дарува со облагодетена вода од храмовиот извор. Затоа да не бидеме тажни и жалостни, туку со радост да ја засилиме а верата во Воскресението и тоа на дело да го покажуваме редовно присуствувајќи во храмот Божји, каде постојано пребива Божјата благодат и да се напојуваме од неа преку сите дни од нашиот живот, бидејќи сите ние со Божјата благодат сме тоа што сме (сп. 1 Кор. 15,10).

Воскреснатиот Бог наш, по молитвите на Својата пречиста Мајка – Богородица да нè помилува и спаси! За многу години!