Да бидеме верни, а не неверни!


г. Јосиф, митрополит Тетовско - гостиварски

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

 „Господ мој и Бог мој!”

(Јован 20,28)

Драги браќа и сестри,

            Во овoj неделен ден, во неделата по Воскресението Христово, која е наречена Томина недела, повторно сме учесници во неизмерната пасхална радост. Повторно преку настанот со апостолот Тома – сме сведоци, сведочиме и веруваме дека Христос, нашиот вистински Бог воскресна од мртвите и ни подари живот вечен како што прорече. Денес се сеќаваме на Томиното уверување во Христовото воскресение и поради тој настан светите апостоли го определиле следното правило: „Осум дни по Велигден повторно нека ви биде чесен празник, во кој неверниот апостол Тома се увери во воскресението“, па светите отци токму врз основа на тоа правило определиле во овој ден да се чита евангелието за Томиното неверие, како потврда на вистинитоста на Христовото воскресение. Оваа недела, освен како Томина позната е како Нова недела. Нова недела се нарекува, затоа што почетокот на сите недели започнува од неа. Таа е прва недела по Пасха, и денес прв пат по Пасха се обновува празнувањето на светлото Христово Воскресение. Денот е наречен и Антипасха, но не со значење „ден на безбожниците“, туку ден кој нè насочува повторно кон Пасхата, односно кој не уверува во Воскресението на Христа, бидејќи зборот „анти“ не значи само против, туку исто така и кон, наместо. На овој ден завршува осмодневното славење на Воскресението Христово. 

Возљубени,

По воскресението Христово, кога Христос им се јавил на апостолите да ги утеши и увери во Своето воскресение, светиот апостол Тома не бил присутен, а кога присутните апостоли му кажале дека го виделе Учителот тој не поверувал и им одговорил: „Дури не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам” (Јован 20,25). Поради тоа, апостолот Тома е наречен неверен Тома. По осум дена кога и Тома бил со другите апостоли, Господ наш Исус Христос пак им се јавил на апостолите при што нему посебно му се обратил: „Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверлив, но верлив!” (Јован 20,27). На тоа Тома одговорил и рекол: „Господ мој и Бог мој!“ (Јован 20,27). Исус му рекол: „Тома, ти поверува, оти ме виде; блажени се оние, кои не виделе, а поверувале“. (Јован 20,29).

Почитувани,

Христовата љубов се оцртува и во овој настан. Он не само што од љубов кон нас дошол во овој свет, не само што од љубов пострадал за нас и за нашето спасение, но од љубов и сакајќи сите луѓе да дојдат до спознание на вистината – му се јавил на Тома и го убедил во Своето Воскресение. Но тоа јавување не е само за апостол Тома да се увери дека Он е Бог, но и за сите нас. Ако апостолот Тома, наречен Близнак не ги допреше ребрата Негови и не ја ставеше десната рака во Неговите рани, ден денеска светот можеше да шпекулира дали Христос воскреснал или не. Меѓутоа, преку подвигот и желбата на апостолот Тома, кој сакал лично да се увери и да го види и допре својот сакан Учител – ни се даде уште едно сведоштво за вистинитоста на Христовото Воскресение, сведоштво на кое постојано треба да се сеќаваме сите ние – за да секогаш кога и ние ќе омалаксаме во верата  – да ја закрепнеме нашата вера во Воскресението, или пак кога ќе сретнеме некој кој паднал во верата – да го посоветуваме и да му помогнеме повторно да поверува и да се врати во вистината.

Возљубени во Господа, браќа и сестри,

Да бидеме верни, а не неверни! Да веруваме во Воскресението, да ги отфрлиме сите сомнежи – доколку ги имаме и да бидеме блажени! Сите ние, кои денес сме во храмовите и кои се поздравуваме со најрадосниот поздрав: Христос воскресе!, не само со зборови, туку пред сè со дела да веруваме во Христовото воскресение, а делата на вистинската вера се дела кои се без безаконија – дела на љубовта. Кога човек има вера – тој Го следи Христа Бога, Го спознава, се труди постојано да Го прима преку Светата тајна Причест за да Го има постојано и да не Го испушта повеќе од себеси. Само на тој начин, имајќи го Него во нашето срце и ние како апостолот Тома ќе можеме да воскликнуваме „Господ мој и Бог мој!” (Јован 20,28).

Христос воскресна! Навистина Воскресна!