Богојавление - Водици

   19.01.2023 Богојавление - Водици, Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф богослужеше Света литургија во Соборниот храм св.Кирил и Методиј-Тетово. Верниот многуброен народ се причести со Светите тајни. По литургијата во дворот на храмот во Тетово беше извршен голем Богојавленски  водосвет. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниот народ со своја беседа во која меѓу другото нагласи: Во овој славен ден го славиме откривањето на тајната на неизменливата и неразделна Троица, и земјата и морето се радуваат. Денес, кога сиот свет е исполнет со духовна радост, од овој амвон во Соборниот храм во Тетово ја споделуваме со сите Вас неискажливата радост, радоста на Богојавлението. Денес Сонцето на правдата, Христа Бога, Кој е „над секоја чистота“, оди при Јована на Јорданските води за да нè ослободи од ропството на нашиот непријател ѓаволот. Небесата се отвори, Светиот Дух во вид на гулаб се спушта над Него, а Отецот сведочи: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!”. Тој ќе го понесе врз себе гревот од светот и засекогаш ќе го победи непријателот на светот. Бог го осветува човештвото. Ги освети водните извори и засекогаш го просветли умот на човештвото. Денес нажалост живееме во едно општество, кое се стреми кон безбожност и атеизам, кон негирање на Божествените вистини и свети тајни, кон пропагирање на лажни „вредности“ и „вистини“, наспроти вечно откриената Вистина – Христос, нашиот Спасител, Кој од љубов дојде, се крсти и посведочи, и Кој постојано нè повикува на патот на спасението. Но, сепак во наши раце е изборот – дали ќе се одлучиме да го прифатиме учеството во Божествениот вечен живот и ќе го следиме патот што ни го покажа Христос или ќе се одлучиме за спротивниот и краток пеколен пат. Ние, со нашата слободна волја треба да го направиме изборот. И ние денеска, наоѓајќи се во овој свет храм овде во Тетово, на овој голем празник Богојавление, со покајни солзи да ги измиеме нашите престапи, грешки и гревови, и така очистени од секакви духовни нечистотии, да измолиме милост Божја. Милоста Божја да слезе врз нас. Да ни го осветли патот и да ни го просвети  умот за да може да одиме по Христа. И така, живеејќи во Христа да спечалиме живот вечен и царство небесно. Амин! Истот ден на Богојавление Митрополитот г. Јосиф изврши и голем Богојавленски водосвет во Гостивар на реката Вардар.