Четвртата недела по Педесетница  во Соборниот храм „св. Кирил и Методиј“ - Тетово

02.07.2023 Четвртата недела по Педесетница  во Соборниот храм „св. Кирил и Методиј“ - Тетово, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на протоереј Предраг Исаевски,протоереј Александар Стојановски,ереј Велјанчо Огненовски и ѓакон Илија Деспотовски. На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот г. Јосиф се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Во денешното евангелско четиво слушнавме од читањето од ѓаконот како Господ Исус Христос го излекувал слугата на римскиот стотник, односно капетан. Овој благороден капетан Го молел Господа Христа да го излекува неговиот слуга којшто бил на смртна постела. Господ Христос му одговорил: „Ќе дојдам и ќе го излекувам" (Мт. 8, 7). Тогаш, капетанот паднал пред нозете Христови и Му рекол: „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави" (Мт. 8, 8). Неговото поведение зборува за неговата искрена, цврста и непоколеблива вера во Божјата сила на Господа Христа. Не треба да заборавиме дека овој римски капетан е незнабожец. Но, иако незнабожец, имал вера како што немало ниту во избраниот Еврејски народ. Ова го потврдил и Самиот Господ Исус Христос велејќи: „Вистина ви велам: ни во Израилот не најдов толку голема вера" (Мт. 8, 10). Потоа, Господ Христос му вели на капетанот: „Оди си и, како што си поверувал нека ти биде!" Преку ова евангелско четиво ни се покажува дека вистинската вера во Господа Христа прави чуда. Вистинската вера е пријатна на Бога, но, и спасоносна за нас. Ние, кои сме воспитани во православната вера, должни сме истата да ја чуваме како дар Божји. Верата треба да ја затоплуваме и да ја умножуваме. Но самата вера, односно, верата без вистински христијански живот, не е доволна. Потребно е нашата вера да ја направиме делотворна, а преку тоа ќе сведочиме за нашата вистинска права вера.