Cв. Константин и Елена во с. Вратница -Тетово

 03.06.2023 Во храмот св. Константин и Елена во с.Вратница-Тетово  митрополит Тетовско-гостиварски г. Jосиф изврши чинот на Мал водосвет и беа прекршени празничните лебови, Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа во која меѓу другото нагласи: На овој голем и светлопразничен ден, кога ја празнуваме впрочем и победата на христијанството, односно добивањето на слободата за јавно изразување на сопствената христијанска вера, ја користам приликата од овој свет храм овде во Вратница посветен на нашите денешни светиии и молитвеници пред Троичниот Бог, да упатам апел до сите православни верници, вистински да ја ползуваат дадената од Бога и од Божјиот угодник Константин – слобода за исповедање на својата православна вера и имајќи ги на ум Павловите зборови: „Сѐ ми е дозволено, но не е сѐ полезно; сѐ ми е дозволено, но ништо не сакам да надвладее над мене“ (1 Кор. 6,12) – да се потрудат во сите денови од својот живот да живееат вистински христијански живот, посетувајќи ги христијанските храмови и исповедајќи ја својата вера, бидејќи слобода преку која ние можеме да ја исповедаме јавно својата вера е добиена низ многу страданија, благодарение на жртвите на светиите во првите векови и е запечатена со крвта на мноштво маченици и исповедници на верата наша православна. Затоа, денес кога можеме слободно и без страв да се декларираме како христијани, вистински да ја цениме таа слобода, ползувајќи ја правилно, така што нема да се нарекуваме само по име христијани, туку и по дела, а најмногу ќе го оправдаме тоа име, ако имаме љубов помеѓу себе (сп. Јован 13,35).
По молитвите на светите рамноапостолни цареви Константин и Елена, чиј спомен денес го празнуваме, нека Сесилниот наш Бог ја засили нашата вера, нека ја умножи љубовта и слогата помеѓу нас христијаните и овде и ширум светот, за да можеме сите заедно да Го прославиме Неговото сечесно и великолепно име, постојано сега и секогаш и во сите векови. Амин!
Нека е за многу години храмовата слава, а на сите оние кои го чествуваат овој ден како своја семејна слава или именден, нека им е честито и Божјиот благослов да биде со сите вас.