Недела на жените мироносоци

08.05.2022 Недела на жените мироносоци, ап.еванг. Марко,митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше света литургија во Лешочкиот манастир. Верниот народ се причести со светите тајни. Говорејки за жените мироносици митрополитот г. Јосиф нагласи: Браќа и сестри, оваа Трета недела по Велигден, е посветена на Жените Мироносици, кои го придружувале Христа во најтешките моменти од Неговиот Живот. Овие свети жени го следеле Христа нашиот Спасител, кога Он бил малтретиран, биен, шамаран, кога невино бил осуден на смрт, и кога на главата му ставиле трнов венец, а го следеле и при Неговото распнување на Крст на Голгота. Овој празник го добил своето име според жените мироносици, затоа што тие први пристигнале кон гробот Господов и со миро сакале да го помазаат Телото на Господа Исуса Христа. Тие преку тоа ја покажале нивната вера, нивната љубов кон Господа. Овие жени биле сведоци на смртта на Христа Спасителот, и проповедници на Неговото Воскресение.Овие свети жени, заслужуваат голема почит, бидејќи покажале невидена храброст, и ни укажале како треба да веруваме во Христа нашиот Бог, во Неговото Свето Воскресение, кое е смислата на нашето верување. Да се обратиме кон светите жени мироносици со нивните молитви да бидат наши молитвеници со нивната непоколеблива вера да ја зацврстат нашата колебливост и маловерие со нивната цврстина да ја укрепат нашата слабост, со нивниот подвиг да предизвикаат и кај нас поголема ревност за следење и проповедање и живеење на нашата вера во воскреснатиот Господ Исус Христос.