Остварена консултативна средба за дефинирање на проектот за реконструкција на стариот конак на Лешочкиот манастир




По барање на Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, кој негува особена љубов кон Лешочкиот Манастир и често е присутен таму, денес се оствари консултативна средба за дефинирање на проектот за реконструкција на стариот конак на манастирот. На средбата учествуваа: г-ѓа Ѓурѓица Лековска, архитект од Националниот конзерваторски центар, со големо искуство во традиционалната народна и манастирска архитектура; нејзините соработници - познатите црковни архитекти Владо и Искра Лековски, како и Архимандрит г. Партениј, кој како опитен и долгогодишен игумен на живи општежителни манастири, даде совети за изнаоѓање решение на прашања од голема важност за идната ревитализација на Лешочкиот манастир. Се работи за конак изграден во 19-ти век, кој е веќе во многу лоша состојба. Проектот, кој е почеток на планот за потполно обновување на Лешочкиот манастир, ќе биде финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.