Во предвечерието на најголемиот Христијански празник – Воскресение Христово, во Тетовско-гостиварска епархија пристигна благодатниот оган кој по божјата милост секоја година на чудотворен начин слегува во црквата изградена врз Христовиот гроб во Ерусалим. Благодарение на Неговото Високо Преподобие, архимандрит Партениј, игуменот на Бигорскиот манастир, веќе неколку години наназад благодатниот оган се носи во Македонија, што претставува вистински благослов за нашата света црква и верниот народ. Неговото високопреосвештенство,  Митрополитот  Tетовско-гостиварски г. Јосиф, го пречека овој свештен благослов во Соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“ во Тетово, а верниот народ палејќи ги свеќите од својот архиереј се исполни со благодатна радост.

По трикратниот опход околу храмот, Митрополитот  г. Јосиф отслужи света Златоустова литургија, а многубројниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ !!!

НАВИСТИНА ВОСКРЕСЕ !!