04 октомври 2016
"Промовирана книгата „’Несвети, а свети’ и други раскази“ од Епископот Тихон"
Денес, 4 октомври 2016 год., во просториите на НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје, во свечена и срдечна духовна атмосфера се одржа промоцијата на македонското издание на книгата „’Несвети, а свети’ и други раскази“ во издание на Кумановско-осоговската епархија на МПЦ-ОА.
На промоцијата, покрај авторот, Преосветениот Јегоревски Епископ г. Тихон, присуствуваа и Архиепископот Охридски и Македонски, Неговото Блаженство г.г. Стефан, Високопреосветените Митрополити Преспанско-пелагониски г. Петар, Повардарски г. Агатангел, Брегалнички г. Иларион, Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Кумановско-осоговски г. д-р Јосиф, Преосветениот Епископ Хераклејски г. Климент, Претседателот на Р.М. проф. д-р Ѓорге Иванов, Амбасадорот на Руската Федерација Н.Е. г. Олег Шчербак, Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, поранешниот Ректор проф. д-р Велимир Стојковски, Деканот на ПБФ „Св. Климент Охридски“, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓески, директорот на НУБ „Св.Климент Охридски“, г. Иван Заров, свештеници, монаси, академици, професори, студенти, ученици и верници од повеќе градови од земјата.
Книгата, со благослов на Митрополитот Кумановско-осоговски г. д-р Јосиф, на македонски јазик ја преведе м-р Златко Дивјаковски. Досега, покрај на македонски, е преведена и на голем број светски јазици: англиски, грчки, кинески, фински, француски, романски, шпански, италијански, бугарски, српски и полски јазик. Изданието на руски јазик е продадено во над 2 милиони печатени и над 4 милиони електронски примероци, и е добитник на наградата Книга на годината за 2012.
„Несвети, а свети“ е роман мозаик за човечките судбини во тој, како што вели авторот, епископот Јегоревски г. Тихон (Шевкунов), викар на патријархот Московски и на цела Русија, „прекрасен свет, каде се живее според сосема различни закони отколку во обичниот живот, свет, бесконечно светол, полн со љубов и радосни откритија, надеж и среќа, искушенија, победите и поразите, смислата на нивното значење, и најважното – за моќната демонстрација на сила и Божјата помош, јас сакам да раскажам во оваа книга“.
Ова го истакна проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, промотор на книгата. „На безмалку 600 страници во 60-тина раскази, посочи Ѓорѓевски, раскажани се прекрасни човечки приказни, еден вид дневнички записи од средбите на авторот со секојдневни, но исклучителни личности.“

Епископот Јегоревски, г. Тихон рече дека деновите кои ги поминал тука во Република Македонија биле денови на откритија, на прекрасни моменти на историјата, на изненадувачки нијанси на земјата и прекрасни луѓе.

– Разбирам дека треба да се направат напори ова богатство на кое вие сте наследници, да им биде познато на сите ППЦ: на православните Цркви, и словенскиот народ, и на сите народи, на целиот православен свет, истакна г. Тихон.
Вашата Црква, нагласи Преосветениот Епископ, има што да им даде луѓето, ќе им даде многу богатство, особена душа и особена љубов.
По промоцијата се одржа мал концерт на духовна музика со настап на хорот „Хармосини“ и рускиот хор под раководство на Галина Георгиева, а посетителите имаа можност да ја разгледаат изложбата посветена на историјата на Московската Патријаршија, подготвена за овој повод.

 

Prevzemeno od :http://koe.mk/

Fotografija od :http://religija.mk