На 15.10.2017 година. Беседа на Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, по повод големиот и значајниот јубилеј на МПЦ – ОА во манастирот „Свети Јоаким Осоговски“




г. Јосиф, Митрополит Тетовско – гостиварски 15.10.2017 г. св. Јоаким Осоговски

    Радосна историја – достојна за прославување

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!                

И заврна дожд и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа,

но таа не падна, оти беше изградена од камен.                                                                                                              

 (Матеј 7,25)

 

 

Ваше Блаженство, Ваши Високипреосвештенства, Ваше Преосвештенство,  Високопреподобни, преподобни и чесни отци, драги браќа и сестри,

 

 

Застанат на амвонот од овој свет манастирски храм, каде денес соборно пребива живата Црква, присуствувајќи и земајќи учество на овој свештен и евхаристиски собор, кој е воден и возоглавен од Вас, блаженејши Владико, со архиереите, јереите и народот Божји во Македонија, се осмелувам со овие евангелски стихови, од Матеевото евангелие – најјасно да ја отсликам и опишам историјата на непокорот на нашата Македонска православна црква – Охридска архиепископија, која е историја на едно тажно и истовремено радосно патување од дамнина, па сѐ до денес. Токму таа историја е причината што се собравме од сите страни на нашата земја, под падините на Осоговските планини, во Сарандапорскиот манастир, посветен на светиот пустиножителен отец наш Јоаким Осоговски.

Денес од Крива Паланка сведочиме дека нашето историско страдање е како Голготското страдање – извор на нашата неизмерна радост. Во овој величествен ден, по 250 години од неканонското укинување на Охридската архиепископија, уште еднаш, оваа година си спомнуваме за големиот јубилеј „50 години од возобновувањето на Охридската архиепископија – како Македонска православна црква“, си спомнуваме и се сеќаваме на оној топол ден, 17 јули, во македонскиот Ерусалим – Охрид, далечната 1967 година, кога Бог ги вдахновил и ги умудрил членовите на Светиот архиерејски синод, кои го свикале Третиот македонски црковно – народен собор, на кој била донесена следнава историска одлука: „Досегашната автономна Македонска православна црква се прогласува за самостојна автокефална Македонска православна црква“. Со таа одлука се прогласила автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Чинот на прогласувањето бил извршен на Светата архиерејска литургија, на 19 јули 1967 година, во храмот „Свети Климент Охридски“ во Охрид, точно на 200 години по неканонското укинување на славната Охридска архиепископија. Со тоа беше исправена големата и тешка неправда, која ѝ беше нанесена на нашата Црква.

 

 

Почитувани верници,

Историјата на еден Божји народ низ времето е најверодостоен доказ за неговиот идентитет и постоење низ времето. Нашата црковна историја, пак, е доста богата со вистини и неоспорливи факти и докази, кои несомнено сведочат за нашето постоење низ времето до денес како Црква со апостолско преемство, со своја самостојност и битисување, од апостолот Павле, преку Јустинијан и свети Климент, Охридскиот чудотворец, па до архиепископот г. Доситеј и сѐ до ден – денешен.

Севишниот Бог, почитувани, знаејќи дека овој народ во времето ќе биде негиран – го запишал вечно и неизбришливо во Библијата и со тоа за навек го оковечи пред сите народи и луѓе нашето постоење, кое денес, за жал, и покрај тоа е негирано од некои народи и држави, кои се слепи за нашата вистина и правда, за нашето постоење како посебен народ со свој јазик, култура, традиции и со своја автокефална Црква.

Поради тоа, и денес на сите нас заедно, повторно ни претстои борба. Ние ја продолжуваме борбата на нашите предци. Од таму каде што тие застанаа, ние продолжуваме. Денес нашата борба е мотивирана од големиот предизвик – признавање на веќе прогласениот автокефален статус на нашата Помесна православна црква, на нашата МПЦ-ОА, која веќе 50 години непрестано се бори за она кое ѝ припаѓа како свое потполно право, за своја идентификација помеѓу останатите Цркви во Екумената. Од искуството и значително охрабрени од христијанската историја, која ни посведочува дека многу Цркви на сличен начин како нашиот успеале да стигнат до своето признавање, ние смирено и трпеливо ја продолжуваме нашата борба и молитвено продолжуваме да чекориме по духовниот и трнливиот пат кон нашето признавање.

Во овие 50 години, од 1967, па до денес – Македонската православна црква постепено, но сигурно, го доживува своето воскресение. Денес, сѐ уште чекајќи го канонското признавање на својот автокефален статус, Македонската православна црква – Охридска архиепископија, во својата дијацеза вбројува 12 епархии, од кои 4 во дијаспората. Со нив управуваат 11 епископи, на кои моментално им помагаат околу 600 активни свештеници во околу 500 парохии, со повеќе од 2000 цркви и манастири. Во околу дваесетина живи манастири, живеат над 150 монаси и монахињи во молитва и монашки подвиг, чувајќи го живото светоотечко Предание. Средното богословско училиште и Православниот богословски факултет, пак, активно ја продолжуваат просветителската мисија на Охридската Светиклиментова школа, согласно со современите текови на теолошките науки, во апостолски дух. Изградени се стотици нови храмови, манастири, парохиски домови, развиена е мисионерската дејност преку секојдневното богослужение, издаваштвото и хуманитарните организации. Особено е важно да се спомнат и канонизациите на: Преподобните 40 Битолски новомаченици; на преподобните 3 Пречистански новомаченици; како и на новоканонизираните светители: Кипријан Слепчански; Гаврил Светогорец, епископ Велички, и на преподобниот отец наш Јоаникиј Ракотински. Од сето ова може да се заклучи дека Бог обилно нѐ дарува со неговата благодат. Многу работи се направиле, а во иднина ни следуваат уште бројни проекти, кои се надевам дека со Божја помош ќе ги оствариме за духовна полза на нашите верници.

 

 

Почитувани,

Од овој манастир, од ова свето место, сакам да упатам порака до сите верни чеда на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, – да си ја сакаме и да се бориме за нашата Мајка црква, која е неизмерен и драгоцен плод на величественото дрво, посадено од свети Климент Охридски во Македонија, чии гранки сѐ уште донесуваат плодови на кои сите ние се радуваме. Еден од тие плодови е и овој полавековен автокефален живот, кој и денес го прославуваме.

Не би ве советувал ништо повеќе, бидејќи доволни се значителните пораки од денешното евангелие: Да ги љубиме непријателите свои и да им правиме добро, да им помагаме, не очекувајќи ништо за возврат. И ако тоа го правиме – ќе биде голема нашата награда на небесата и по таквиот наш живот на дело ќе не познаат дека сме Христови и дека сме како народ нераскинлив дел од Светото Православие.

 

 

Драги браќа и сестри,

Радувајте се, и пак ќе речам: радувајте се! (Филип. 4,4), бидејќи овој ден многумина од нашите предци сакаа да го доживеајат и да го почувствуваат. Ние по милоста Божја сме таа генерација, која ги живее и ги чувствува овие радосни моменти од историјата на нашата Црква, но ние имаме и најголема одговорност, сите заедно и свештенството и верниците – треба јасно да покажеме дека сме зрела Црква, која ќе даде уште плодови не само за Македонија, туку и за целата Вселенска Црква.

За сите дарови и милости што ни се дадени во овие 50 години и ни се даваат како Црква – најнапред Му благодарам на Нашиот милостив Бог, Кој постојано нѐ милува и нѐ дарува со неискажливи добрини.

Во овие мигови, особено е важно да си споменеме и за личностите кои денес не се физички со нас, а се најзаслужни за слободата на нашата Црква. Едно големо благодарам на сите знајни и незнајни отци и браќа наши, кои целосно се вградија како живи камења во Македонската православна црква, чиј аголен камен е нашиот Бог и Спасител Господ Исус Христос. Споменот нивни да е вечен!

Ја користам оваа прилика да му се заблагодарам и на нашиот собрат на нивата Господова, денешниот домаќин, надлежниот епархиски архиереј на оваа епархија, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Кумановско – осоговски г. д-р Јосиф, кој неуморно се вложува во обновата и напредокот на оваа епархија и на тој начин придодава значаен придонес во напредокот на нашата Помесна православна црква. Ете, и овој манастир, кој е сведок на нашата историјата – е целосно возобновен и постана препознатлив бисер на овие простори, место каде што своите молитви ги принесуваат многу верници, не само од Македонија, туку и од целиот свет.

На крајот ова скромно слово, напишано по повод големиот јубилеј на Македонската православна црква – Охридска архиепископија: „50 години од прогласувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија како Македонска православна црква“, – го завршуваме со зборовите на големиот историчар Иван Снегаров, кои пленат со својата вистинитост: „Историјата на Охридската црква е историја... би рекол на духовна сувереност на Македонија“. Ние еденствено би надополниле: И заврна дожд и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, но таа не падна, оти беше изградена од камен (Матеј 7,25).

Амин.

Нека ни е честит и вековит јубилејот и од Бога благословен!

На многаја лета!