Прослава на свети Климент во Македонската православна богословија




На 6 декември во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“ во село Драчево започна овогодинешното прославување на патронот на нашата Богословија и Црква -  светиот Климент, Охридскиот Чудотворец. Прославата започна со празнична вечерна богослужба во драчевската црква посветена на Вознесението на Господ Исус Христос. На вечерната, на која присуствуваше Неговото блаженство Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, чиноначалствуваше Неговото преосвештенство Митрополитот дебарско-кичевски и администратор австралиско-сиднејски г. Тимотеј.
Потоа торжествувањето продолжи во Богословијата, со свечена академија  на која која покрај Архиепископот г.г. Стефан и Митрополитот г. Тимотеј, присуствуваа и Митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар, Митрополитот повардарски и ректор на Богословијата г. Агатангел, Митрополитот брегалнички г. Иларион, и Митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф, како и голем број на свештеници, монаси, професори, студенти и гости, пријатели на Богословијата.
Духовната академија започна со неколку црковни песни во изведба на богословскиот хор, раководен од професор г. Игор Величковски. Потоа традиционално како и секоја година беа прогласени наградените дела од конкурсите за  богословска студија/есеј и  богословска поезија. Оваа година првата награда за богословска студија/есеј ја добија богословите Кристијан Мишевски и Стојан Дукоски за нивниот заеднички труд: „Педесет години автокефалност на Македонската Православна Црква - педесет години слободен и самостоен црковен живот“, додека првата награда за црковна поезија му припадна на богословот Благоја Атанасоски за песната „Тивка молитва“.
Годинава Македонската православна богословија прославува педесет години од своето основање. По тој повод со благослов на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ, професорскиот кадар при Богословијата подготви и издаде прекрасна монографија во која со многу грижа и труд, во речиси 550 странице е прикажано полувековното постоење на оваа наша еминентна образовна институција. Оттаму, централниот дел од свечената академијата беше посветен на промоција на монографијата.
Прв промотор беше Архиепископот г.г. Стефан кој во своето слово рече дека „македонско духовно училиште е градба, стројно изградена на цврст темел, а тоа е учителската и просветителската дејност на основоположникот на нашата духовност. Во свое време, светиот Климент основа духовно сеучилиште во Охрид, заради потребите, во прв ред образовни и црковни, на тогашната мисија за просвета на народот. Еве, и ова училиште е такво – создадено за истата цел, за потребите на Македонската православна црква, наследничката на Охридската архиепископија, која се создаде врз основата поставена од свети Климент, во сведочењето на Христа Воскреснатиот, во проповедта на благата вест и во остварувањето на спасението на довереното паство“.
Втор промотор беше протопрезвитер д-р Јован Таковски, еден од првовработените професори во Богословијата и подоцнежен декан на Православниот факултет „Свети Климент Охридски“. Отец Јован во својот говор се присети на писмото кое во 1967 година го добил во Париз од првиот ректор на Богословијата, многупочитуваниот покоен професор Борис Бошкоски, а во кое ректорот го замолува тогаш младиот постдипломец да се врати во Македонија и да помогне во оформувањето на првите генерации богослови, во штотуку отвореното богословско училиште.
Свечената академија ја затвори ректорот на Богословијата Митрополит г. Агатангел, кој им се заблагодари на подготвувачите и издавачите на монографијата како и на сите кои го помагале и помагаат функционирањето на Богословијата.