Да направиме добар избор

 

 г. Јосиф, митрополит Тетовско – гостиварски 28.08.2018 г Успение Лешок

Да направиме добар избор

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

...Марто, Марто, ти се грижиш и се трудиш за многу работи.

Но само едно е потребно.

Лука 10,41-42

Драги браќа и сестри,

Денес, служејќи Света Божествена Литургија го продолжуваме чествувањето на Успението на Пресветата Владичица наша Богородица, ја опеваме нејзината разделба со светите апостоли и со христијаните, нејзиното заспивање и нејзиното преминување од овој свет во небесниот. Денешниот празник е небоземен и мистериозен, бидејќи за него немаме библиски и историски извори, а единствените податоците ги добиваме од Светото предание, кое од генерација на генерација во Светата Црква сведочи за блаженото успокојување на Онаа, за која пророкуваа боговдахновените пророци и која бессемено Го роди Спасителот наш Господ Исус Христос при Кого восхитувачки се искачува преку своето вознесение. Не само за време на успението, туку целиот живот на Мајката Божја е најдобар пример за искачување од земјата кон небото. Нејзиниот живот, почнувајќи од нејзиното чудесно раѓање е постојано искачување по скалилата на животот, од минливото кон вечното.

Почитувани,

Најдобар пример за живеење на богоугоден живот ни е животот на Пресветата Богородица. Таа го направила најдобриот избор одлучила својот живот на земјата да го посвети на Бога и на Божјиот закон и на тој начин успеала да постане „почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите“. Ние како слободни битија, создадени по Божји образ и подобие го поседуваме дарот на слободната волја и имаме можност слободно да одлучиме дали ќе го следиме примерот на Пречистата, исполнувајќи го Божјиот закон и богоуподобувајќи се или пак ќе се одлучиме за спротивното, да ја искористиме нашата богомдарована слобода на поинаков начин, следејќи го ѓаволот, а отфрлајќи го Бога и Пречистата. Одлуката е само наша. Затоа да направиме добар избор. Да го избереме Божјиот пат, да го следиме примерот на Богородица и да одлучиме, избирајќи меѓу доброто и злото, меѓу Бог и ѓаволот, слободно да го избереме доброто и да го прифатиме Бога. Ако го направиме тој избор ние навистина ќе бидеме слободни.

Во овој свет полн со искушенија и проблеми – единствено потребно е да го направиме тој избор, бидејќи според зборовите на денешното Евангелие „само едно е потребно“, а потребно е да го познаеме Христос Бог и да станеме негови причасници и ученици како Марија од денешното Евангелие, која го слушала Словото Господово, за разлика од Марта, која ја опфатиле земните грижи од овој свет, кои се исти до ден денес. И денес, особено во ова време, живеејќи во еден брз свет, живеејќи еден динамичен живот луѓето се обременети со мноштво грижи, често се паднати во униние и се чуствуваат празно и забораваат на Бога и на неговото Слово, забораваат на Црквата, на светите тајни и молитвословија, забораваат на молитвата и на постот и сето тоа оддалечување ги прави апатични, бидејќи без Бога ништо не можеме да направиме, бидејќи живееме ли умираме ли Господови сме! Ако го отфрлиме Бога – Животодавецот и Ослободителот ние се заробуваме во гревот и тонеме, но доколку го засакаме Неговото Слово, кое и денес го слушаме во храмот, ако го следиме примерот на новата Ева како што ја нарекуваат светите отци смирената и послушна Богородица, ние ќе ја имаме постојано во нас оваа денешна успенска радост, радоста од средбата со Бога и од заедничарењето со Него.

Возљубени,

Колку што можеме повеќе и повеќе да ги отфрламе искушенијата и животните грижи кои не оддалечуваат од Бога, кои нè водат во состојба да заборавиме на неговото Слово. Многумина од нас знаат често да паднат во замките на светските грижи, кои се пролазни. Често знаеме да кажеме викенд е имаме доста обврски низ дома, немаме време да отидеме до храмот, да се помолиме на Бога, на Мајката Божја. Но во тие мигови да се потсетиме на денешното свето Евангелие, на евангелскиот настан со Марија и Марта, на Христовите зборови: „...Марто, Марто, ти се грижиш и се трудиш за многу работи. Но само едно е потребно“(Лука 10,41-42), кои се упатени и до секој еден од нас за да не замислат сè со цел и ние да направиме добар избор, да го избереме тоа што е единствено потребно, тоа што нè може никој да ни го одземе, тоа што го избрала и Пресвета Богородица, која уште како мало детенце на три години била однесена во храмот Божји и низ целиот свој живот се поучувала и била под послушание на Божјото слово, на Законот Господов.

Така и ние, почнувајќи од денес да кажеме збогум на светските грижи, кои немаат крај, а само не одалечуваат од изворот на Животот, од изворот на вечното решение на нашите проблеми, од Христос преку чие воскресение, според зборовите на свети Јован Златоуст: „се надминати сите проблеми на човечкиот род“ и да прибегнеме во покајание кон Него, избирајќи го Него, бидејќи Он е единственото нешто што ни е потребно. Он е тоа мирно пристаниште, каде нашите души го наоѓаат својот спокој на крајот од животното патување. Затоа да ја следиме Богородичната заповед, која што им ја кажала на слугите во Кана Галилејска, а таа е следната: „Што и да ви каже, направете“! И ние секогаш да го правиме тоа што ни е посведочено од Бога за да како Богородица го дочекаме своето успение во прегратките на Нејзиниот Син и наш Бог, Кому Му прилега слава во веки! Амин!

За многу години! До година во поголем број повторно да се видиме, тука во Лешочкиот манастир!