Плод на верата

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски  Свети вмч. Теодор Тирон“ с. Јанчиште 05.08.2018 г.

Плод на верата

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

 

Тогаш учениците пристапија кон Исуса насамо и Му рекоа:

„Зошто не можевме ние да го истераме?”А Исус им рече: „Заради вашето неверие“.

(Матеј 17,19-20)

Драги браќа и сестри,

Во оваа недела, само неколку денови по големиот празник Илинден, Божјата промисла нè доведе во селото Јанчиште, на левиот брег од реката Вардар, овде во Долниот Полошки регион. Тука од дамнина, Вие мештаните и иселениците со својата вера се грижите и допринесуваат за поголем развој на црковниот живот. Токму како резутат на таа Ваша грижа – денес се најдовме во ова прекрасно село, во храмот посветен на светиот вмч. Теодор Тирон. Пред почетокот на Божествената литургија извршивме осветување на нова сарачица и со тој значаен чин, со Божји благослов се заврши Вашето богоугодно дело – грижата за Божјиот и и наш дом.

Почитувани,

Црквата е заеднички дом. Нашиот Спасител ја основал Светата црква, ја изградил врз основа на верата.  Господ Исус Христос во една прилика, мислејќи на големата вера на апостолот Петар, му се обратил со следните зборови: „Ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам црквата Своја…“ (Матеј 16,18). Од тие евангелски зборови, знаеме дека темелите на храмот, на оваа и на секоја црква се темели на верата. Верата е таа, преку која нашиот народ посакал и изградил и гради толку цркви. Со вера народот продолжува потоа да се грижи и да ги обновува храмовите. Преку верата сè можеме да направиме. Сведоштво за тоа, за значењето и за благодатните плодови на верата имаме и во денешното свето евангелие. Сите ние тука присутни ги чувме денешните евангелски зборови, чувме за лекувањето на бесомачниот, кого апостолите неможеле да го излекуваат, но Нашиот Спасител, Лекарот на нашите души и тела го изгонил бесот од момчето и тоа оздравило во тој миг. Апостолите, пак пристапиле до Својот Учител и го прашале зошто тие неможеле да го излекуваат момчето. А Господ им одговорил: „Заради вашето неверие: зашто, вистина, ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете ли на оваа планина: Премести се одовде таму? и таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно.“ (Матеј 17,20-21). Овој Господов одговор е од огромно значење за секој христијанин. Тој ни нуди решение на нашите проблеми. Нè води на вистинскиот пат. На патот на верата, која во придружба на постот и молитвата – до ден денес прави чуда.

Почитувани,

Сведоци сме и ние денес дека во Црковното лекувалиште, благодарение на верата многумина болни нашле спас, нашле лек за своите болести и оздравиле. Но плодовите на верата се многубројни. Еден таков плод на верата е и грижата за овој храм, кој благодарение на Вашата вера, на грижата на жителите на ова село и на сите оние кои потекнуваат од него, а сега живееат во дијаспората, потоа благодарение на ангажираноста на Црковниот одбор и на парохискиот свештеник, оваа црква од 1967 година, па до ден денес е најголем сведок на верата, но истовремено и најголемо лечилиште на секоја душа, која со вера, пост и молитва приоѓа внатре во неа и која преку причест се соединува со Бога. За таа грижа кон овој храм, ја користам оваа прилика да Ви се заблагодарам од името на нашата епархија. И во иднина очекуваме само радосни вести од оваа парохија. Бидете секогаш полни со вера. Молете се и постете, та сите заедно преку молитвата и постот да направиме еден плод на верата достоен за покајание и за живот во идниот свет, во Царството Божјо, каде би го славеле Бога: Отецот и Синот и Светиот Дух во сите векови!

Амин! Нека е за многу години!