Праведна награда

Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф

Праведна награда [1]

„Радувајте се со радосните, и плачете со расплаканите!“

(Рим. 12,15)

Драги браќа и сестри,

Почитуван проф. д-р Ивица Зориќ,

Ценето семејтво Зориќ,

Почитувани хорски членови,

Пречесни отци,

 

Ја имам особената чест, на оваа Божиќно претпразненство, кога нашите мисли се исполнети со трепет во пресрет на Христа Богомладенецот, а нашите срца исполнети со благодатната радост – како надлежен архијереј на Тетовско-гостиварската епархија, а од име на Неговото блаженство, архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г. г. Стефан и на членовите на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, овде во Соборниот храм на нашата Епархија, на особена моја радост, во присуство на верниот народ, да му го доделам на нашиот маестро, проф. д-р Ивица Зориќ – највисокото црковно одликување - орденот „Свети Климент Охридски“ од III ред.

 

Почитуван професоре,

 

Според зборовите на апостолот на народите – Павле: „Ако доброволно го вршам тоа, тогаш имам награда...“ (1. Кор. 9,17), ете и Вашето доброволно црковно и општополезно дело, кое безпрекорно го извршувате непрестајно цели 40 години во областа на црковното пеење не остана без заслужената награда. Севишниот Бог, Кој е во тајност, Кој гледа тајно – денес Ве наградува јавно (сп. Матеј 6,17) за целокупниот Ваш труд, грижа, ревност и жртва, која ја правевте уште во времето кога Црквата беше на некој начин омаловажувана и која  сеуште активно ја правите за слава Божја.

Вашиот непрекинат ангажман во афирмацијата на црковното пеење во Тетовско и пошироко, е посведочен преку воспитување на многу млади генерации во хорското црковно пеење, чии гласови го славаат Оној, Кој оваа вечер е „славословуван од ангелите и пастирите“ (стих од кондакот на Божиќ), и во тетовските цркви, но и во многу други храмови на МПЦ-ОА. Исто така во оваа прилика морам да ја истакнам Вашата голема заслуга за основањето на Духовно-културниот центар „Кирил Пејќиновиќ“, како и за основањето и организирањето на „ТЕХО“.

За сето тоа, најискрено Ви благодарам и Ви посакувам уште многу години под Вашата деригенска палка да се исполнуваат црковни химни и песнопенија. На крај би завршил со евангелските зборови: „Радувајте се и веселете се зашто голема е вашата награда на небесата!“ (Матеј 5,12).

 

 

 

 

 

 

 

 

[1] Говор изречен за време на одржувањето на Божиќниот концерт одржан во Соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ во Тетово на 06. 01. 2018 година при доделувањето на Орденот – Свети Климент Охридски – на проф. Д-р Ивица Зориќ