Преселувањето на Божјата мајка

г. Јосиф, митрополит Тетовско – гостиварски Успение Вечерна Лешок 27.08.2018 г.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

 

Радувајте се, зашто сум со вас во сите денови…


 

Драги браќа и сестри,

Секоја година, на празникот посветен на нејзиното Успение, Божјата мајка нè собира од Лешок и Полошко, но од другите краишта на Македонија, овде во нејзиниот Лешочки манастир. И оваа година, собрани под нејзината благодатна закрила дојдовме достојно да го прославиме празникот посветен на Нејзиното успение, дојдовме да си споменеме за Пречистата, Која ги надвишува ангелите, за Пренепорочната, Која при упокојувањето светот и нас не нè остави и никогаш нема да нè остави. Но, не само што никогаш нè не остава сами, туку нејзиното упокојување, преселбата од смрт во живот е причина која нè обединува и нас како што ги обединила и апостолите, кои во времето на Нејзиното успение се собрале околу одарот. Така и ние во оваа приквечерина се собравме во овој манастирски храм да ја воспееме нашата Владичица Богородица и секогаш Дева Марија, и да се потсетиме на нејзината смрт, чиј спомен, според зборови на светиот Григориј Палама, архиепископот Солунски: е радосен благоден и вселенско светлопразнување, кое не само што ги обновува сеќавањата на чудесните дела на Богомајката, туку на тоа ги придружува и сеќавањето на општиот и нов светоапостолски синаксис собран од сите народи поради ова сесвето погребение.

Почитувани,

И ние денес со радост се сеќаваме на Успението на Пресвета Богородица, на нејзината животоносна преселба во небесниот и бесмртен живот, преселба при која не се чуствува тага и разделба, бидејќи Таа воскреснала и се вознела на небесата при Својот Син и наш Бог без да нè напушти нас, како што им соопштила при јавувањето и на апостолите: Радувајте се, зашто сум со вас во сите денови. Богородица според преданијата истовремено е и со нас на земјата, но и на небото, пред престолот Божји, застапувајќи се за нас. Затоа нејзиното Успение е радосен настан. Таа радост е и денес присутна во нашите срца. Таа радост извира како некогаш пламенот од несогорливата капина, која ја видел Мојсеја во Стариот завет. Таа пламена радост и денес ни ја дава Богомајката, Која преку својот свет живот исполнет со смирение и послушание се удостоила од Неа да се јави Животот, но исто така се удостоила и да се претстави пред Животот и со нејзините молитви да ги избавува од смртта нашите души.

 

Возљубени,

Сите ние денес созерцувајќи го светлото Успение на Богомајката, да се поучиме и да го следиме нејзиниот животен пример. Да се смируваме пред луѓето и пред Бога и да живееме во послушание на Неговите свети заповеди, та и ние како Неговата мајка во последниот ден да преминеме од смрт во живот. Знаејќи, пак за големата милост на Богородица кон човечкиот род и за нејзиното постојано застапништво за нас пред Својот Син и наш Бог, да прибегнуваме почесто кон нејзината икона, подигнувајќи ги рацете за славословие и воспевајќи ја да ја помолиме да нè води по патот на Христовите повеленија, и вечно да се застапува пред Бога, Кој одгонувајќи го сонот на унинието во нас, ќе го облагодатува нашиот помрачен ум, та ослободени од прангите на гревот да најдеме милост пред Него единствениот Животодавец, сега и секогаш и во сите векови!

Нека е за многу години! По молитвите на Богородица, Господи помилуј нè!