Радувај се, благодатна, зашто во Твоето Успение не нé остави!

г. Јосиф, митрополит Тетовско - гостиварски

Под закрила на Богомајката

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

 

Радувај се, благодатна, зашто во Твоето Успение не нé остави!

(од акатистот на Успението Богородично) 

 

Во оваа приквечерина го започнуваме торжественото празнување на еден од најголемите празници во христијанската црква – празникот на Богородичното успение. Во овие мигови, со молитва започнуваме пристојно и молитвено како што доликува на еден ваков значаен празник да се сеќаваме на настанот на Успението на Богородица, односно на нејзиното заспивање и преселување од земјата на небото. Ние денес, со вечерната богослужба веќе го најавуваме и всушност го славиме земниот крај на Пресвета Богородица. Тој крај ние го нарекуваме и означуваме со терминот „Успение“, а тој термин во себе ги содржи и соединува: сонот, искачувањето, блаженството, мирот, спокојството и радоста. Богородичното успение, според зборовите на светиот Григориј Палама е „животоносна преселба во небесниот и бесмртниот живот. Споменот на таа смрт е радосен и благодатен“ вели Солунскиот архиепископ. И навистина споменот на Нејзиното успение денес е радосен празник за сите верници.

Тоа радосно Успение, нашиот народ со особена вера и почит од памтивек го прославува овде во Лешочкиот манастирски комплекс. Од ова место, од овој манастир, чија црква е посветена токму на денешниот празник, народот ги пренесува своите молитви на Пресвета Богородица, на нашата Мајка, која и по Своето Успение не оставајќи нè и денес широко го отвора своето мајчинско срце за сите нас своите чеда, кои дојдовме овде во нејзиниот манастирски храм на поклонение, но и за сите оние што со љубов и искрена вера И се молат на нашата вечна заштитничка и закрилница пред Христа Бога.

 

И денес, овде во Лешок се наоѓаме под закрила на Богомајката. Знаејќи го тоа, затоа пред Нејзиниот успенски одар приоѓате со вера и надеж сите вие: стари, млади и средновечни, мажи, жени и деца, кои како апостолите дојдовте од сите страни на Тетовско, од овој регион и од цела Македонија, како и од дијаспората да се поклоните и да се помолите на Богородица. На тој начин поклонувајќи се и молејќи се, гледајќи и слушајќи ние постојано треба да се поучуваме од Нејзината чистота, смиреност и кротост, бидејќи немаме подобар пример за следење и поддржување од ликот и делото на Богородица.

Затоа никогаш да не заборавиме на овој ден да дојдеме во Лешок и да се помолиме на Онаа, која од земјата се преселува на небото и Која Го моли Својот Син и наш Бог за сите нас. Гледајќи ве оваа година во голем број, овде во храмот и во манастирскиот двор, ви благодарам за присуството и ви посакувам Божјата мајка да ги услиша вашите молитви во сите денови од вашиот живот. Амин!

Нека е за многу години! Богородица со сите вас!