Славословие на Бога

Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф

Славословие на Бога[1]

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Славете Го Господа и пејте Му

сп. Псалм 104,1-2

Ваше Високопреосвештенство,

Почитуван Директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи г. Даријан Сотировски,

Почитувани претставници на дипломатскиот кор (државните институции)

Ваши екселенции,

Почитуван проф. д-р Ивица Зориќ,

Пречесни отци,

Ценети гости, драги браќа и сестри,

Ми преставува голема чест и задоволство за можноста да поздравно да Ви се обратам на ова Свечено отворање на Меѓународниот хорски фестивал на православна музика, кој се оддржува во рамки на 29-тото издание на „Тетовски хорски одѕиви“- 2020 година и воедно да Ви посакам топло добредојде овде во прекрасниот Лешочки манастир, каде што традиционално се оддржува оваа духовна и културна манифестација, ова духовно славословие на Бога, кое благодарение на големата љубов и трудољубивоста на маестро проф. д-р Ивица Зориќ успеа да се организира и да се оддржи во континуитет и во оваа календарска година кога целиот свет е погоден и обеспокоен од страшната пандемија предизвикана од Коронавирусот.

И токму во едно такво време на секојдневно обеспокојување на човековиот дух, под заштитни протоколи во овој прекрасен манастирски амбиент каде во секој миг се чувствува Божјиот мир се оддржува овој хорски фестивал на православна музика, која пак предизвикува големо спокојство во душата на човекот, бидејќи духовната песна не е ништо друго освен молитва, а нејзиното пеење е пред сѐ молење упатено кон Бога, Устроителот и Промислителот на сѐ. Поради тоа верувам и сум сигурен дека овогодинешната богата програма на фестивалот исполнета со богат духовен композициски репертоар, кој ќе биде интерпретиран од ангелогласните хорови од земјава и од странство ќе успее сите нас да не отргне од метежното секојдневие и да ни внесе еден духовен мир во нашите срца, бидејќи црковната песна ја храни духовната потреба на човекот. Во исполнувањето на таа духовна празнина се состои големината и суштината на оддржувањето на овој Фестивал на православна духовна музика, кој во рамки на ТЕХО веќе 5 години по ред се оддржува тука во Лешочкиот манастир.

Затоа во оваа прилика од име на Тетовско-гостиварската православна епархија за целокупното ангажирање во поле на црковното пеење му се заблагодаруваме на проф. д-р Ивица Зориќ, како и на сите хорови, кои во престојните неколку часа ќе настапуваат пред нас. На сите нив им посакувам успешен фестивал, а Вам почитувани гости и љубители на духовната музика, Ви посакувам духовно насладување и доживување на духовниот мир во наредните часови.

Нека е за многу години и догодина во поголем број да се видиме на јубилејното 30-то издание на ТЕХО! 

 

 

 

[1] Говор изречен за време на свеченото отварање на 29-тото издание на Меѓународниот хорски фестивал ТЕ-ХО во Лешочкиот манастир на 20. 09. 2020 година.