Ѓурѓиц

г. Јосиф, Митрополит Тетовско-гостиварски

Ѓурѓиц

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Приближете се кон Бога, и Он ќе се приближи кон вас

(Јаков 4,8)

Почитувани верници,

И денес, светиот Георгиј повторно нè собра во голем број во овој негов свет манастирски комплекс. Се радувам што со секое мое доаѓање тука во Мала Речица забележувам дека манастирскиот двор е исполнет со верен народ и дека сме се повеќе присутни, а тоа е доказ дека духовно растеме и напредуваме во верата по примерот на светиот Георгиј, чиј спомен набрзо по неговата маченичка смрт е раширен помеѓу христијаните. Со нашето огромно присуство во овој храм сведочиме дека неговиот култ е длабоко раширен и во Македонија, особено во нашиов Полошки регион, каде многу храмови го носат токму неговото име. Исто така и многу верници го прославуваат празникот на светителот како домашна слава или пак како именден, а особено е специфично што кон него искажуваат почит дури и луѓе од други религии.

И Светата Црква повеќе пати си спомнува за Победоносецот. Освен денешниот празник Обновувањето на храмот на св. вмч. Георгиј во Лида или Пренос на моштите на свети Георгиј од Никомидија во Лида во народот познат под името Ѓурѓиц, празнува уште два празници во негова чест: празникот Ѓурѓовден што се празнува на 6 мај, а на 9 декември го празнува и празникот познат како св. Ѓорѓи – Посен или Оветувањето на црквата посветена на свети Георгиј Победоносец во Киев. Што се однесува пак, до денешниот празник, тој всушност е сеќавање на еден настан длабоко поврзан со светиот великомаченик Георгиј. Имено, денес си спомнуваме за преносот на неговите моштите од Никомидија во градот Лида Палестинска, каде во времето на царот Константин побожните христијани му изградиле исто како и ние - прекрасен храм. При осветувањето на тој храмот во него ги пренеле моштите на светителот и таму ги положиле. Од неговите чудотворните мошти се случиле големи чуда.

 

Драги браќа и сестри,

 

Денес кога го славиме овој голем празник е одлична можност да се потсетиме и на обновата на овој храм. Да се потсетиме на застапништвото и на помошта на светиот Георгиј, кој беше наш закрилник пред Бога, наш молитвеник, кој постојано како во дните за време на обновата, така и до ден денес е со нас, бидејќи и ние, сеќавајќи се и прославувајќи го овој празник сме со него, упатувајќи ги нашите молитви кон Севишниот Бог.

 

Во моментов, гледајќи Ве, гледам како се исполнуваат библиските зборови „Приближете се кон Бога, и Он ќе се приближи кон вас“ (Јаков 4,8). Навистина, сите вие, целокупната заедница на овој манастир: верниците и членовите на Црковниот одбор воден од вашиот свештеник сè повеќе и повеќе се приближувате кон Бога. Но според зборовите на апостолот Јаков – колку што ние се приближуваме до Бога – толку и Бог се приближува до нас мораме тој подвиг на доближување кон нашиот Создател да го продолжиме и умножиме за да ја исполниме целта на нашиот христијански живот – богоуподобувањето. На тој пат нè води Црквата, па и нашите патишта треба почесто да нè водат кон Неа. Поради тоа да ја продолжиме оваа прекрасна традиција и да ја засилиме нашата вера, за да Бог – Пресвета Троица биде постојано со нас, а Бог е секогаш со нас – кога и ние слободно му пристапуваме Нему. Преку таа прекрасна слобода, која ни е од Бога дадена - да се ослободуваме од гревот и во нашите срца да ја умножуваме љубовта. Каде што има љубов – таму е и Бог, бидејќи Бог е љубов (1 Јован 4,8). Затоа да престојуваме во Господовата заповед за љубовта и да се љубиме едни со други како што Бог нè возљуби (сп. Јован 3,16-17) за да и ние како и светиот Георгиј бидеме негови ученици, сега и секогаш и во сите векови!

Нека е напомош денешниот празник! Во нашите срца да се обноват љубовта, верата и надежта во Бога, по молитвите на светиот победоносец Георгиј!