Заштитникот на страдалниците

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски во манастирот  „Свети Наум Охридски“ на Попова Шапка - Тетовско, на 05. 01. 2019 (Свети Наум Охридски).    

Заштитникот на страдалниците

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Блажени сте вие, сиромашните, зашто ваше е царството Божјо!“

(Лука 6,20)

 

Драги браќа и сестри,

 

„Чесна е пред Господа смртта на Неговите светители“ – гласеше еден прокимен од денешното утрено богослужение во чест на празникот посветен на светиот Наум Охридски, на чие упокоение во Господа се сеќаваме. Во овие мигови, во моето сеќавање се појавува сликата, односно еден фрагмент од житието на светиот Наум, насликано во неговиот манастир на Охридското Езеро, во гробниот параклис, каде до ден денес почиваат неговите свети мошти. На таа прекрасната фреска највпечатливо е опишано неговото успокојување, неговата смрт, која како што е посведочена во неговото житие се случила „шест години пред смртта на епископот Климент“,  во 910 година. Но, споменот на светителот никогаш не згаснал. Неговиот свет живот, неговите дела и безбројните чуда ни се познати на сите нас, кои и денес на самиот почеток на оваа нова година, традиционално направивме своеволен подвиг, доаѓајќи  на ова свето место, во манастирскиот комплекс „Свети Наум Охридски“ на Попова Шапка, на местото, каде по молитвите на денешниот светител пред нешто повеќе од две децении се освети оваа црква, која е претпознатлив белег и украс на Шара.

За животот и делата на светиот Наум Охридски не верувам дека некој од нас не чул. Тие ни сe познати на сите нас, бидејќи за него како од Бога прославен свештеномонах, светител, мисионер и просветител сме слушале и учеле уште од најмала воздраст, во училиштата, во нашите домови и секако од Црквата, која неговиот спомен го празнува три пати во годината.

Благочестиви христијани,

          Смртта на преподобниот Наум, Охридскиот чудотворец била и останува празник. По неговото упокојување, неговиот гроб се покажува како извор на чудеса, кои се само едно од многуте сведоштва за неговото прославување пред Бога Отецот, Синот и Светиот Дух. Сеќавањето на Наумовите подвизи, во овие дни, на самиот праг на Рождеството Христово – Божиќ е од особена полза за сите нас, кои со нетрпение го очекуваме тој светол празник. Следејќи го добриот живот, на нашиот прославен дественик Наум, неговата голема вера, неговата чиста душа и облагодетено срце, кое претрпело многу страдања и опасности – ние повторно учиме од  Охридскиот учител, дека треба да ги „поднесуваме тешкотиите еден на друг“ (Гал. 6,2), дека треба да си помагаме еден на друг во овие празнични мигови, како што тој му помогнал на светиот Климент во просветителската дејност, но и на многумина страдалници...

              Ние денес во таа насока имаме големо поле за дејствување. Нажалост и во оваа година, во 21 век, многу семејства ќе го дочекаат Христовото рождество во длабока сиромаштија и беда. Затоа сите ние заедно денес треба да ги упатиме нашите молитви кон светиот Наум, заштитникот на страдалниците - за тие семејства. Но, исто така поучени од неговиот свет пример треба и да ги помогнеме колку што е во наша можност тие блажени семејства, бидејќи според Христовите евангелски зборови: „нивно е Царството Божјо“ (сп. Лука 6,20). Помагајќи им нив, ние си помагаме себе си, соживувајќи се со нив, се освестуваме од суетата на овој свет, стануваме свесни дека пред Бога нема богати и сиромаси, туку дека сите сме исти и дека сите сме еднакви. Затоа, апелирам во овие денови, да не дозволиме да заборавиме на тие наши браќа и сестри, кои страдаат. Само со сеќавање и со помош кон нив – правилно ќе го прославиме споменот на светиот Наум, но и ќе се подготвиме вистински и добродетелно да го дочекаме Богомладенецот, Христос нашиот Бог, Кого му прилега секоја слава чест и поклонение заедно со твојот беспочетен Отец и со светиот, благиот и животворен твој Дух, сега и секогаш и во сите векови! Амин! Нека е за многу години овој празник!