26-та недела по Педесетница
07.12.2025 Во 26-та недела по Педесетница, на празникот св. вмч.Екатерина, во манастирот св. Екатерина во с. Стенче -Тетово, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше света архиерејска Литургија. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. По Литургијата Митрополитот г. Јосиф ги благослови славските лебови и одржа пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Со радост секоја година доаѓам на храмовата слава овде во Стенче, каде сите вие со голема вера и љубов изградивте храм на денешната светителка која денес ја прославува Светата Црква. Кога ги споменуваме светителите, обично си спомнуваме токму за нивната вера, за нивните дела и за љубовта што ги краселе; ги споменуваме заради наша поука, но и како потврда дека и во ова тело и во овој живот е возможно и да се следат и да се исполнуваат заповедите Христови и законите на нашата света вера. Светителот, со својот живот е Христов сведок! Тој не е пропагатор на верата, туку сведок, кој со својот живот и дела сведочи како ги доживува Христовите тајни. Всушност, светителот живее онака како што Христос побарал од своите ученици - да Му бидат сведоци! Оттаму и светителите многу често ги жртвувале своите животи и лесно ги поднесувале и најтешките мачеништва. Тие, Христовото Евангелие го доживувале како најпотполна реалност на Христовата личност и Неговиот живот. Не како некоја теорија, не само како поука на верата и учењето на Црквата, туку како свој опит, како свое доживување потврдено со лично искуство. Светителот, како подржавател и следбеник на најголемиот Маченик и Светител - на Христа, е најдобрата поука и најдобриот пример за сите нас, особено за тоа што треба да имаме и за свој животен идеал и кон што треба да се стремиме во овоземниот живот. На сите нам добро ни е познато житието на денешната светителка маченичка св. Екатерина, добро ни се познати и други житија на маченички како пример: св. Варвара, св. Софија со нејзините три ќерки, св. Злата Мегленска и уште многу неброени жени кои пострадале за својот Жених. Сите овие пострадале маченички за Господа Исуса Христа и ни дале пример како се сака својата вера. Маченик е оној кој волно ја поднесува телесната смрт, за да остане верен во исповеданието на верата во Христа. Мачениците го направиле токму тој избор: тие Го поставиле Христа над сè и затоа станале Негови сожители во Царството Небесно и ни помагаат денес и чудотворат онака како што до ден денес чудотворат моштите на св. Екатерина, кои се наоѓаат во нејзиниот манастир во Синај. Сите вие кои го носите нејзиното име и славите слава денеска, нека ви биде благословена славата, а св. Екатерина нека биде ваша молитвеничка и застапничка пред Бога.
