30 години од основање на реномираниот хор ,,Св.Злата Мегленска"
На ден 08. 05. 2026 г., во Соборниот храм ,,Св. Климент Охридски" - Скопје со свечен духовен концерт се одбележа 30 годишнината од основањето на реномираниот хор ,,Св.Злата Мегленска". Со благослов на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан на овој јубилеј присуствуваше Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, кој во име на Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан го честита јубилејот и посака уште многу вакви јубилеји на овој многу значаен хор за нашата татковина и црква. Во својот поздравен говор митрополитот г. Јосиф меѓудругото истакна: „Почитувани дозволете на почетокот на моето обраќање во име на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан да ви ги пренесам неговите честитки и благослов по повод вашиот значаен јубилеј 30 години од вашето основање. Ви посакуваме Бог да ви дари уште многу вакви јубилејни концерти. Овој хор е респектиран состав, ценет не само кај нас, туку и на меѓународно ниво. Живејќи во едно време на секојдневно обеспокојување на човековиот дух, Вашите изведби, пеењето на духовни песни и композиции секогаш ни дава едно спокојство. Така е и сега, тука во овој прекрасен Соборен храм каде дојдовме заеднички да го прославиме Вашиот 30 годишен јубилеј. Оваа прослава, како и секој Ваш концерт ја радува нашата душа и ја храни со мир и смирение, бидејќи духовната музика не е ништо друго освен молитва, а нејзиното пеење е пред сѐ молење упатено кон Бога, Устроителот и Промислителот на сѐ. Вечервава, за сиот вложен труд и досегашен подвиг на сите членови и на почитуваната деригентка на хорот „Св. Злата Мегленска“, кој веќе 30 години со песни го слави Името Божјо, им посакувам со иста посветеност, пожртвуваност и љубов да продолжат со нивната работа и да ја промовираат Р. Македонија и нашето христијанско наследство секаде во нашата татковина и светот. Бог да Ве благослови. Христос Воскресе!
