Прејди на главна содржина

МПЦ - ОА Тетовско - гостиварска епархија

58 генерација успешно завршени матуранти

Зоран Богоевски 06.06.2026

На 06.06.2026 во Македонската православна богословија (МПБ) Св. Климент Охридски – Драчево, во присуство на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, Ректорот на МПБ Митрополитот Повардарски г. Агатангел и пратеникот на САС на МПЦ-ОА Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф се поделија свидетелствата и дипломите на 58 генерација успешно завршени матуранти-богослови. По повод успешно завршената матура на учениците, свое излагање имаше пратеникот на САС на МПЦ-ОА Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф кој нагласи: Ваше Блаженство, Ваши Високопреосвештенства, почитуван Ректоре, пречесни оци, господа професори и драги матуранти. Ми причинува особена чест што можам да кажам неколку збора како пратеник на САС на МПЦ- ОА кон завршените богослови и да заблагодарам на довербата на САС да бидам овогодишен пратеник на САС, на матурските испити на 58 генерација завршени богослови при МПБ ,,Св Климент Охридски"-Драчево. Почитувани ученици, денес сте исполнети со радост, бидејќи завршувате со еден период од вашиот живот. Успешното завршување на богословијата ве радува вас, вашите родители, вашите професори, не радува и сите нас овде присутни на оваа свеченост, ја радува и целата Македонска православна црква. Иако како генерација сте малку, само четири ученици, но колку сте, толку сте-токму сте, што би рекол нашиот поет, но да знаете дека поради малобројноста ваша ќе треба да ги удвоите силите ако сакате се во свое време да постигнете. До денес вие бевте ученици на Богословијата, а од овој ден станувате полека но сигурно, учители на народот. До сега ве оценуваа вашите професори, а одсега оцената за вашето познавање и однесување ќе го дава Бог и народот. Затоа гледајте да не паднете на тој испит. Запомнете, од денес животот е тој што ке ве кали и учи како треба да постапувате. Најпрво со труд, со работа, преку своето образование и саморазвитие, да си обезбедите место во заедницата. Работата го издигнува човекот и го води  кон совршенство. Трудете се  да бидете полезни за себеси и од полза на другите луѓе, па заедно со нив да го исполнувате законот Христов. Радувајте му се на животот и сакајте ја чесната и достоинствена работа. Трудете се во верата. Служете пред се на Бога, на нашиот македонски православен народ, на нашата Македонска православна црква. Тука е присутен и деканот на ПБФ и знам дека со радост ве очекуваат во оваа наша високообразовна институција на која вие ќе треба да го продолжите вашето образование. Нека ви е честит овој успех и ви посакувам секое добро од Бога во животот. Амин!