Акатистот кон Пресвета Богородица
06.03.2026 Во Соборниот храм ,,Успение Пресвета Богородица"-Гостивар во сослужение на свештеници од Гостиварското намесништво, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф отслужи Мало повечерие со читање на втората статија од Акатистот кон Пресвета Богородица. По отслужувањето на втората статија од Акатистот кон Мајката Божја Пресвета Богородица, Митрополитот г. Јосиф кон верниот народ се обрати со пригодна беседа на која меѓудругото истакна: Браќа и сестри, еве оваа вечер, вториот петок од Велигденскиот пост, по традиција секогаш сме тука во Гостивар и отслуживме богослужба кон Мајката Божја, која се именува Акатист. Во Акатистот што го отслуживме, слушнавме како Црквата Божја укажува на тоа дека Мајката Божја, Пресвета Богородица се моли за сите свои чеда тука на земјата, па затоа, кога ние имаме многу маки, страдања, искушенија, незгоди, болести и жалости, треба некому да му се обратиме за помош, а најпожелно е да и се обраќаме за помош на Мајката Божја, Пресвета Богородица, која е застапница за нас христијаните пред престолот на Севишниот Бог, нејзиниот Син и наш Спасител Господ Исус Христос. Да се потсетиме зошто се богослужи Акатистот. Зборот „Акатист“ доаѓа од грчкиот збор „Аκάθισο“ што значи неседење, односно оваа служба која се служи, се служи со посебно внимание и со постојано стоење на нозе, оддавајќи и чест на Пресвета Богородица, за чудото што се случило во Цариград, кога во 627 година, Цариград бил нападнат од незнабожечки народи, од Аварите и Персијците кои и се заканувале на оваа христијанска престолнина дека ќе ја уништат. Па така, народот немајќи никакво друго решение за да го спаси градот, единствената надеж ја полагал на Мајката Божја Пресвета Богородица, таа преку нејзиното застапништво, преку нејзините молитви кон нејзиниот Син и наш Бог, Спасителот наш Господ Исус Христос, да испроси спасение за народот и да го заштити царскиот град Цариград од опсадата на непријателите. Каганот на Аварите Бајан, се заканувал и велел дека ќе го уништи градот, дека од него ќе остане само пепел, ако царот заедно со народот не се предаде и ако не се откажат од верата во распнатиот наш Спасител Господа Исуса Христа, од нашата Света Православна Христијанска Вера.
Ете, наоѓајќи се во ваква тешка состојба, народот и се обратил на Мајката Божја Пресвета Богородица, откако претходно го замолиле патријархот Сергиј, да организира литија или здружено одење по улиците и Светите места низ градот, откако претходно биле земени реликвиите на Пресвета Богородица, односно нејзината риза и нејзиниот појас кои биле ставени во еден ковчег во црквата Влахерна, која била посветена на Пресвета Богородица.
Со таа Литија што ја направиле, кога дошле кај морето, тогаш патријархот со краиштата од ризата и од појасот на Пресвета Богородица, бркнал во морето и наеднаш во морето настанала силна бура од која сите бродови на непријателите потонале, а оние што успеале да се спасат тргнале во бегство, па така, градот и народот се спасил, преку заштитата на Мајката Божја Пресвета Богородица. Во овој втор петок од Големиот пост и во престојните денови, како што пееме во Акатистот „да побрзаме пред Богородица и да паднеме пред неа во покајание, извикувајќи и од длабочината на душата“: „Радувај се, на телото мое исцеление и на душата моја спасение“. Секогаш кога Ви е тешко, кога сте во паника или страв, вашите мисли, молитви и грижи да ѝ ги откриете на Онаа Која има сила непобедлива, за да преку своето застапнитво пред Нејзиниот Син и наш Бог Исуса Христа, нѐ сочува и нѐ запази чисти и неосквернети од искушенијата и болестите, та со радост го дочекаме празникот над сите празници Воскресението Христово. Бидете благословени и секогаш Богородица да ве заштитува и да го чува вашиот град. Амин!
