БАДНИК
06.01.2026 БАДНИК Во Соборниот храм на Тетовско-гостиварската епархија св. Кирил и Методиј-Тетово, надлежниот Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше Света Василиева Литургија. Верниот народ се причести со Светите Тајни. Истиот ден, во манастирот св. Георгиј Победоносец - Мала Речица беа благословени кумските лебови и беа благословени бадниковите гранчиња. Митрополитот г. Јосиф се обрати со пригодна беседа на која меѓудругото истакна: Радосен сум што денес на Светата Литургија овде во Тетово гледам храм исполнет со верен народ, кој активно учествува во Литургијата и се причестува со Светите Тајни. Денес по Литургијата, како и секоја година, ќе ги благословиме децата бадникари кои ќе тргнат со поворка од Соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“ пеејќи ја песната Вечниот Бог и ќе го најават Рождеството Христово. Исто така, денес и во нашиот велелепен манастир св. Георгиј во Мала Речица ќе го благословиме бадниковото дрво и славскиот леб и нашиот верен народ радосно ќе го очекува утрешниот празник. Како ваш надлежен владика, ме радувате и ве пофалувам што ревносно и богољубиво ја чувате верата, празниците и нашите традиции, кои особено тука во наше убаво Тетово ги имаме многу. Наоѓајќи се во предвечерието на големиот празник Рождеството на Нашиот Спасител Господ Исус Христос, во овој свет храм во Тетово, треба да се потсетиме на големата улога и знечењето на овој историски настан. Во оваа свештена ноќ на светот ќе му се јави големата благочестива тајна на Боговоплотувањето. Без оваа тајна светот се уште ќе офкал од тежината на гревот и на злото. Од преголемата љубов кон севкупното создание, а пред се љубовта кон човекот, Синот Божји во еден историски момент ќе се воплоти во човечко тело. Синот Божји, Господ Исус Христос, се родил во определено географско место, но исполнувајќи го небесниот, божествен спасоносен план.
Раѓањето Христово е дар од небото на земјата. Рождеството Христово е Божествено снисходење и милост кон човечкиот род. Запомнете, Синот Божји дошол кај нас за да го помири небото со земјата и Бог со луѓето. Браќа и сестри од Тетовско-гостиварската епархија, нека Бадниковата вечера не обедини во љубовта и во слогата, пред се во нашите семејства и помеѓу нас христијаните. Божјата љубов и неговата милост да не облагороди, просвети и освети, па да одиме по Христовиот пат кој е тежок но и единствено спасоносен, бидејќи води кон царството небесно. Честит Бадник и уште порадосен Божик.
