Благовештение на Пресвета Богородица
На 07.04.2026 година, Благовештение на Пресвета Богородица, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, богослужеше Света литургија во храмот „Пресвета Богородица“ – Тетово, во сослужение на свештеници од Тетовското архиерејско намесништво. На Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. По Литургијата Митрополитот ги благослови празничните лебови. Со беседа по повод празникот, на многубројниот народот се обрати Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф кој меѓудругото нагласи: Денес сите ние заедно во овој храм во Тетово, посветен на Мајката Божја, го чествуваме Благовештението на Пресвета Богородица, торжествено ја прославуваме благата вест пренесена од благовесникот, од архангелот Гаврил на „Царицата на ангелите“, дека таа ќе стане Мајка на Господа Исуса Христа, Кој како што исповедаме и во Символот на верата, заради нас луѓето и заради нашето спасение, слегол од Небото и се воплотил од Светиот Дух и Марија Дева и станал човек. Таа вистина, таа блага вест дека Пресвета Богородица ќе зачне и дека ќе го роди Спасителот на светот, ние денес ја прославуваме овде во храмот на Онаа, која стана „слугинка Господова“ (Лука 1, 38). „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе; благословена си ти меѓу жените...“. Колку прекрасен поздрав на Божјата Мајка упатил архангелот Гаврил, со кого се сврзани сите собитија околу воплотувањето на Христос. Архангелот по Божја заповед ја посетил Богородица и ја известил дека дошло времето за воплотувањето на Божјото Слово и дека таа ќе стане Негова Мајка. Веста за воплотувањето на Словото Божјо е најголема вест во човечката историја. Вест, која направила пресвртница во светската историја. Таа добра вест е исправка на настанот што се случил во Едемската градина. Таму од жена започна падот, а тука од од Дева започнуваат сите блага. Затоа Богородица е новата Ева. Таму од жената започна падот и неговите плодови, а тука од Дева започнуваат сите блага. Таму Адам, тука Христос. Таму е Ева, тука е Марија. Таму е змијата, тука е Гаврил. Таму е шепотот на искушувачот, тука поздравот на архангелот, на кој Марија Дева со послушание одговорила „ Ете ја слугинката Господова, нека ми биде по зборот твој...“ (Лука 1, 38). Непослушанието – Таа го исправила со послушание и на тој начин ја исправила грешката на нашите прародители Адам и Ева. Да се огледаме и ние на Пресвета Богородица, да го возљубиме нејзиното смирение, чесност, вера, нејзината скромност, трпеливост и кротост, да го примиме и нејзиното послашание и љубов, за да на тој начин во своите срца го примиме Нејзиниот Син и наш Бог, Спасителот на нашите души.
