Cеноќно бдение
27.11.2025 На празникот на свети Григориј Палама – заштитникот на Струмичката епархија, во црквата „Свети Григориј Палама “, во Струмица, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи сеноќно бдение со Божествена Литургија во сослужение на Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф и викарниот Епископ Стобиски г. Јаков. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниците со пригодна беседа на која меѓудругото истакна:Радосен сум што еве сум во храмот посветен на денешниот светител, на големиот отец на црквата Св.Григориј Палама овде во убава Струмица.Благодарам на поканата на вашиот митрополит Струмички г. Наум да бидам тука и заедно со епископот Јаков да сослужуваме на света литургија.Навистина ако некој најдобро говори за молитвата и плодовите од неа,за степените на духовното растење,за даровите на Светиот Дух тоа е почитуваниот митрополит Наум кој го има искуството со духовен живот и дело за да говори за тоа.Не би се осмелил ништо да додадам ни одземам од она што тој го говори во своите беседи бидејќи нема ништо полесно од тоа да поучуваш и нема ништо потешко од тоа да го правиш тоа што го поучуваш.Јас би кажал нешто што сите вие знаете дека светата Црква денес го прославува св. Григориј Палама.Овој Божји угодник поднел многу страдања, и бил вистински ревнител и исповедник на Православието, борејќи се против тогашното погрешно учење, кое го застапувал калабрискиот монах Варлаам.Св. Григориј преку постот и покајанието, проследени со молитва, бил издигнат и просветлен од Божјата љубов за да може да Го созерцава Троичното Божество и да ја види светлината Божја, како што биле удостоени и други свети Божји угодници, со чист и непорочен живот.Не смее никако да го заборавиме дека светиот Григориј Палама е тајноводник во една за нас толку спасителна и возвишена вистина: дека живиот Бог е достапен на нашето лично искуство, бидејќи Синот Божји ја зеде нашата природа и стана Син Човечки за да ги направи луѓето синови Божји, созерцатели на нетварната божествена светлина и учесници во божествената бесмртност. Таа спасителна вистина, браќа и сестри, треба да биде наш секојдневен копнеж. Секој од нас во целокупниот свој живот треба да се потруди да ја достигне целта на христијанскиот живот.А целта е како што спомнав да се обожиме и да станеме богови по благодат.Тоа значи да се уподобиме на својот Создател – Бог. Таа е наша обврска. Блаженоупокоениот светогорски старец Георгиј (Капсанис) во своето слово „За благодатта Божја“, зборувајќи за начините за примање на благодатта ја употребил светоотечката максима „Дај крв за да примиш дух“. И сето искуство на Црквата ни сведочи дека без аскетски подвиг и без труд не може да ја примиме Божјата благодат. Човекот мора да се покае и исповеда, да се смири и да пости, да живее во Црквата и според Црквата, да се моли за да Го прими Духот на вистината".На крајот би сакал да ве посоветувам со зборовите на старецот Емилијан Симонопетриски:Направи ги другите горди на тебе, да те сакаат и да скокаат од радост кога ќе те сретнат. Затоа што сите луѓе во своите животи, во своите домови, во своите тела и во своите души имаат болка, болести, тешкотии и страдање, и секој ја крие својата болка во својата тајна торбичка, во своите срца, во своите домови, за другите да не знаат.
Значи, не знам каква болка имаш ти, а ти не знаеш каква болка имам јас.
Можеби се смеам и викам, можеби си играм, но длабоко во себе ме боли, и се смеам и викам, за да ја прикријам тагата.
Затоа прво подари му насмевка на другиот човек.Имајте благословен ден.Секогаш да ве гледам вака многубројни, ревносни и радосни во црква.Не заборавајте дека Нашата Црква е Црква на Педесетницата, а тоа е така бидејќи е Црква на Христа Воплотениот, Црква на Крстот Негов, Црква на Воскресението и на Педесетницата.Нека е за многу години! Благодатта на нашиот Господ Исус Христос, љубовта на Бога Отца и заедницата на Светиот Дух да биде со сите нас!Оние кои денес имате именден или куќна слава нека ви е честито и благословено.По неговите молитви Бог да не' помилува.
