Прејди на главна содржина

МПЦ - ОА Тетовско - гостиварска епархија

Cвети Наум Охридски

Зоран Богоевски 03.07.2026

03.07.2026 По повод празникот посветен на свети Наум Охридски, во истоимениот манастир на Попова Шапка, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф отслужи Архиерејска Божествена Литургија во сослужение на свештеници од Тетовско-гостиварската епархија. На Литургијата присуствуваше многуброен верен народ, кој претходно подготвен, пристапи кон светиот Путир. По завршувањето на Литургијата беше прекршен и благословен празничниот колач. Црковниот одбор на овој духовен бисер на Тетовско-гостиварската епархија, со многу љубов и почит ги пречека сите поклоници на манастирот. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верното стадо со пригодна беседа, на која меѓудругото истакна: Секоја година се собираме вака соборно да го прославиме споменот на молитвениот заштитник св. Наум Охридски, на ова свето место овде на Попова Шапка. Денес всушност е летниот негов празник. Св. Наум треба да ни биде пример дека верата без добри дела е празна и не дава плод. Затоа ни се потребни духовни подвизи или приближни на оние кои ги правеле светителите. Црквата го прославува св. Наум  поради неговиот богоугоден живот и не повикува и нас да го подржаваме доследно, според нашите сили. Свети Наум е од исклучително значење за македонците и духовниот живот кај нас, но исто така, неговата просветителска дејност претставува универзална придобивка за сите словенски и воопшто за сите христијански народи во светот. Еден мој професор за Св. Климент и св. Наум вели дека за нас македонците се она што беа Мојсеј и Арон во Стариот Завет. Затоа, нив во црковните песни ги опеваат како ,,светила незаодни" и на друго место ,,дар Божји за нашиот македонски народ". Да одиме и ние по патот по кој чекореа охридските чудотворци, оти тие се патот на вистинското православие. По молитвите на свети Наум, Господи Исусе Христе, Сине Божји помилувај нè и спаси нè нас. Амин! Нека е за многу години манастирската слава! На сите вас кои го славите овој ден како куќна слава и го носите неговото име, ви честитам и посакуваме многу здравје, радост и благослов во животот.