Прејди на главна содржина

МПЦ - ОА Тетовско - гостиварска епархија

Дванаесетта недела по Педесетница

Зоран Богоевски 23.08.2026

На ден 23.08.2026 г., во дванаесетата недела по Педесетница во храмот „Св. Димитриј“ во с. Теарце, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше Света литургија во сослужение на свештеници од Тетовското архиерејско намесништво. На Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. По литургијата во дворот на храмот беше откриена и осветена биста од нашиот учител и просветител родум од Теарце, св. Кирил Лешочки. На самиот крај, Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верениот народ со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: ,,Денес, преку ова спомен обележје, пред нашите очи се издигнува ликот на Преподобниот учител Кирил Лешочки, кој е роден пред 255 години токму овде во Теарце. Оваа биста што ја откриваме во неговото родно место не е обичен споменик од камен или бронза. Таа е паметник на еден особено значаен македонски духовен подвижник. Сведоштво е за човекот кој со книга и крст го разбуди заспаниот дух на нашиот народ. Овој споменик кој го подигнавме во негова чест не само што не потсетува на неговиот лик и дело, туку и нè потсетува дека како христијани сме повикани да ги почитуваме светителите, следејќи го нивниот подвиг во верата. Свети Кирил ни остави пример како треба да постапуваме. Тој преку своите дела нè потсетува дека писменоста без вера е празна, а верата без добри дела е мртва. Затоа кога ќе поминеме покрај оваа биста, или кога ќе ја видиме неговата икона да се потсетиме на неговиот тивок, но силен глас: да си го чуваме јазикот од лаги, да го сакаме Бога, да го почитуваме својот род и да бараме мир со сите луѓе. Нека Светиот преподобен Кирил Лешочки родум од вашево славно Теарце, биде наш патеводител, заштитник на ова место и постојан молитвеник пред престолот на Севишниот! Амин“.