Обрезание на нашиот Спасител Господ Исус Христос

На 14.01.2026 год. кога  го празнувавме Обрезанието на нашиот Спасител Господ Исус Христос, светиот Василиј Велики, како и почетокот на Новата година, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф отслужи Света Божествена Василиева Литургија во храмот ,,св. Никола"-Тетово.
После Божествената Литургијата, беше отслужен молебен за благослов на претстојната Нова Година, благодарејќи му на Бога за сите дарови кои секојдневно ни ги дава.
Митрополитот г. Јосиф во својата беседа меѓудругото нагласи: Новата година е дар Божји, дар на Неговата љубов и милосрдие. Господ ни ја дава новата година чиста и неизвалкана, а во нејзиниот тек, можно е сè да не снајде - и добро и лошо, и здравје и болест. Какво ќе биде времето што настапува, тоа го знае само Единиот Бог. Денес на оваа литургија би сакал во мојата беседа да проговорам за една актуелна тема, која е многу значајна и која секако и нас како Црква не загрижува. Забележувам дека во епархијата пристигнуваат многу барања за црковни бракоразводи. Треба да знаете дека од христијанска, православна гледна точка, сопружништвото, односно татковството и мајчинството се посебни духовни дарови, посебен свештен призив на патот на служење на Бог и Црквата.  
Треба духовно да се подготват младите парови за нивниот пат кон бракот и постојано да се поддржуваат во создавањето на нивната „мала домашна црква“, за да не би се почувствувале дека со своите проблеми се препуштени на самите себе.
Задачата и мисијата на Црквата се состои во тоа јавно, смело и насекаде во светот да сведочи: за смислата на животот во Христа, за надминување на трулежноста и смртта, за силата на Христовата вера. Како и во тоа, на сите можни начини да се поддржи и заштити семејството. Во услови на современа општествена криза, потребно е семејството повторно да се воцркови и поврзе со евхаристиското искуство на Црквата. Време е да посветиме повеќе време на семејството. Тоа е мала домашна црква, која треба да се негува, чува и умножува. Во семејството се чува верата на предците и се негуваат основните духовни вредности што не водат низ животот. Семејството е извор на љубов, во него се учиме на должност, жртвување, заедничко поднесување на неволи, како и на делење радости. Затоа потребно е да има повеќе рожби. Децата се најголемото богатство што може да и се дарува на татковината и на Светата Црква. Семејството е мала црква.
Сè започнува во неа и
и сè завршува. Секој верник треба да говори за важноста на стабилното семејство како едно од најважните столбови на нашето општество. Семејството е богоблагословена заедница, од Адама и Ева, па до секој брак во минатото до денес. Дадениот благослов: „Плодете се и множете се и наполнете ја земјата и господарете над неа...” е благослов за сите, па и за нашата генерација. По пат на раѓање и воспитување на деца, бракот гарантира не само продолжување на човечкиот род. Со помош на семејството човекот му станува со-творец на Бога и ја добива најголемата од сите видови на одговорност - одговорноста пред своите потомци. Ја користам оваа прилика, на сите кои денес се со-славеници на светиот Василиј да им го честитам именденот. Исто така, на сите во Новото 2026 лето Господово Ви посакувам многу здравје и радости во животот и преуспевање во верата.