Прејди на главна содржина

МПЦ - ОА Тетовско - гостиварска епархија

Oсветување на куполниот крст и камбана за храмот ,,Успение на Пресвета Богородица" - с. Галате, Гостивар

Зоран Богоевски 23.08.2026

На ден 23.08.2026 г., во манастирскиот храм ,,Успение на Пресвета Богородица" - с. Галате, Гостивар, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф изврши осветување на куполниот нов крст и камбана за храмот. Митроплитот г. Јосиф заблагодари на црковниот одбор за нивната грижа,љубов и ревност во обнова на овој манастир и меѓудругото истакна: Браќа и сестри, денес – неколку дена пред Успението на Богомајката, село Галате доживува голема духовна радост со осветувањето на новиот куполен крст и камбана за овој велелепен храм „Успение на Пресвета Богородица“.  Новиот крст на куполата е свештен знак на Христовата победа и светилник што од височината ќе нѐ потсетува на Божјата љубов и закрила. Тој нѐ поучува дека патот до спасението води преку љубовта, жртвата и верата. Новата камбана, пак, со своето ѕвоно ќе нѐ повикува во домот Господов и на заедничка молитва. Нејзиниот звук ќе нѐ собира во радостите и ќе нѐ утешува во искушенијата. Таа ќе биде духовен будилник за нашите души, за никогаш да не ги заборавиме Бога и вечните вредности. Носејќи ги во вашата душа тие вредности, ова светилиште е изградено со големата ваша љубов и помош. Бог по молитвите на Неговата Пречиста Мајка Богородица нека ги благослови сите ктитори и дарители на овој прекрасен манастир. Нека новиот крст го штити Галате, а ѕвонот на камбаната нека носи мир и благосостојба во секое семејство. Амин!“.