Панел дискусија

27.11.2025 Во Лешочкиот манастир се одржа Панел дискусија на тема: Духовното наследство на св.Кирил Лешочки- (Пејчиновик), во современиот македонски идентитет.Панелисти беа: доц. д-р Бранислав Светозаревиќ,доц-д-р Стојанче Костов,проф. д-р Михајло Марковиќ.Модетатор беше м-р Марко Видачек.Митрополитот Тетовско-гостиварски на почетокот ги поздрави почитуваните професори и гости посакувајќи им пријатна дискусија и меѓудругото нагласи:Возљубени во Господа, почитувани организатори, драги панелисти, уважени гости, драги браќа и сестри.

Дозволете како надлежен архиереј на Тетовско-гостиварската епархија, на сите да Ви посакам најнапред топло добредојде во нејзиното срце, овде во нашиот епархиски и духовен центар, нашиот славен Лешочки манастир, каде што вербата, словото и македонскиот дух низ вековите дишат во едно. Ми претставува особена чест што денес ја имам можноста да бидеме заедно во ова древно светилиште, чии врати се секогаш отворени за сите добронамерници.
Со радост ја прифатив поканата на Глобалната македонска фондација „Вечна“ поздравно да се обратам на почетокот на оваа значајна панел дискусија за промоција на македонското духовно наследство насловена „ Гласот на вечноста“, која со причина се одржува токму тука во овој манастир, кој низ целокупната своја историја бил место не само за молитва, туку сенародно место, каде што се чувала верата, но и каде што паралелно се развивала писменоста и културата. И нема посоодветно место од овој манастирски комплекс за одржување на панел дискусија на тема „Духовното наследство на св. Кирил Лешочки- Пејчиновиќ во современиот македонски индентитет“ од овој негов манастир каде што се наоѓаат неговите свети мошти и од овој центар, кој го носи неговото име.
Темата на денешната панел-дискусија што нè собра е повеќе од академска, бидејќи таа длабоко допира до срцевината на нашата самобитност. Таа е повик за враќање кон корените, кон тие гласови кои не тивеат, туку како живи извори продолжуваат да ја хранат душата на нашиот народ. А меѓу најсветлите гласови што ја печатат нашата духовна и национална меморија секако е и гласот на св. Кирил Лешочки – Тетоец. Неговиот лик и дело како игумен, преродбеник, просветител, и пред сè пастир не се минато – тие се присутни насекаде во овој манастир,  каде што неговата мисла и молитва и денес одекнуваат во тишината на манастирските камења. Неговиот спомен живее во духовниот етос на Црквата, но и во нашата историја и јазик, бидејќи тој не напиша само книги, на народен јазик, туку со своето свето дело допринесе многу за опстој на македонскиот идентитет. Тоа дело и денес е темел , инспирација и жива духовна сила која нè инспирара и нас да го чуваме сето она што како традиција ни е оставено во наследство.
Токму затоа, изборот на темата и трудот на организаторите и панелистите заслужуваат пофалба. Вашето истражување, вашата љубов кон духовното наследство, претставува продолжување на делото што ни го оставија свети Кирил и сите преродбеници.
Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на иницијаторите, на панелистите и на сите присутни што токму преку вакви предавања се одржува споменот и делото на нашиот канонизиран светител Кирил Лешочки, чијшто глас, подвиг и учителство и денес нè повикуваат да останеме верни на нашата духовна традиција и народен идентитет.
Нека овој собир биде повод не само за научна дискусија, туку и за духовно обновување, за повторно слушање на „гласот на вечноста“ што нè повикува да останеме верни на коренот, на јазикот, на верата и на светото дело на нашите предци.
Чувствувајќи ја молитвената присутност на светиот Кирил, на сите ви посакувам благословена и плодотворна работа. А Господ, нашиот Бог нека го благослови овој собир и сите присутни.
    Уште еднаш Ви посакувам добредојде во овој заеднички духовен дом на вечноста, во кој секогаш сте најтоплосрдечно добредојдени.