Петтиот  петок од Великиот пост

На 27.03.2026 г., во петтиот  петок од Великиот пост, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, заедно со свештенството од храмот „св. Кирил и Методиј“ во Тетово, отслужи Мало повечерие со целосно читање на Акатистот кон Пресвета Богородица. По отслужувањето на целиот Акатист кон Мајката Божја Пресвета Богородица, Митрополитот г. Јосиф кон верниот народ се обрати со пригодна беседа на која меѓудругото истакна: Радосен сум што го отслуживме големиот Акатист, односно ги прочитавме сите четири статии од Акатистот кон Пресвета Богородица, во овој петти петок од Велигденскиот пост. Ние овде во овој храм во Тетово и се обративме на Мајката Божја Пресвета Богородица, да биде наша застапница и покровителка, и секогаш да ни помага во нашите страдања и искушенијата, во маките, болестите и тагите, и во сите несреќи што нам ни се случуваат, било да се од телесна, духовна или душевна природа. Би сакал како ваш владика, да ве посоветувам секогаш да се обраќате и да се молите на Богородица, без разлика што еве денес завршуваат акатистите што црквата ги одредила да се богослужат во овој пост. Наша должност е да се трудиме да ги исполнуваме нашите должности кон Пресвета Богородица, која постојано со Својата милост нè штити и која е наш застапник пред Божјиот престол. Нејзиното име постојано нека е врежано длабоко во нашите срца. Името на Божјата Мајка никогаш да не исчезнува од нашите усти. Нејзиното име да биде веднаш до името на нејзиниот пресладок Син, и тоа име прво да го изговараме кога легнуваме и кога стануваме од сон, кога влегуваме и кога излегуваме од нашиот дом, кога започнуваме или завршуваме секакво богоугодно дело. Неизмерна е љубовта која Пресвета Богородица ја поседува кон нас христијаните. Токму затоа, и ние треба да имаме неизмерна почит и љубов кон Неа. Секогаш кога Ви е тешко, кога сте во паника или страв, вашите мисли, молитви и грижи да ѝ ги откриете на Онаа Која има сила непобедлива, за да преку своето застапништво пред Нејзиниот Син и наш Бог Исуса Христа, нѐ сочува и нѐ запази чисти и неосквернети од искушенијата и болестите, та со радост да го дочекаме Празникот над сите празници-Воскресението Христово. Бидете благословени и секогаш Богородица да ве заштитува и да го чува нашиот град. Амин!