На 14.10.2026 година, денот кога го прославуваме празникот Покров на Пресвета Богородица, во Лешочкиот манастир кој за своја заштитничка ја има Пресветата Богородица беше отслужена света архијерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф.На светата литургија верниот народ се причести со светите тајни.По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот леб.Митрополитот г.Јосиф се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа на која меѓу другото истакна:Денес навистина сум радосен што гледам храм исполнет со верници кои дојдовте да се помолиме на Бога и Богородица.Денес се радува Лешочката света обител бидејќи на овој празник Покров на Богородица секогаш храмот е исполнет со верници кои со голема љубов уште во раните утрински часови ревносно притекнуваат да се поклонат на нејзината света икона и да го испросат молитвеното застапништво на Богородица.На овој ден се сеќаваме кога во 10-от век, светиот јуродив Андреј ја виде Мајката Божја во Црквата Влахерна во Цариград.На самата Света Литургија, светиот јуродив Андреј, виде како слегува Богородица од небото и се спушта кон Црквата и застанува над народот, со своите раширени раце, на кој што го држи својот покров и така држејќи го штити народот Божји. Таа со голема љубов постојано нè штити од сите искушенија кои сакаат да нè загрозат.На овој ден нашата радост е голема поради тоа што гледаме како нè прегрнува Богородица. Нашата радост може единствено да ја изразиме преку воспевањето на нашата духовна Мајка. Единствено можеме да ја возвеличуваме со нашите скромни и несовршени зборови кои не можат да ја истакнат на прав начин Нејзината небеска слава. Но, секако дека нашата желба за да ја прославуваме Богородица е изразот на нашата благодарност кон неа.И денес, ние верните луѓе што светло го чествуваме овој празник, во своите срца го чуствуваме благодатното присуството на Пречистата Дева, Која како и во сите времиња и денес се застапува и Го моли Својот Син, а наш Бог Господа Исуса Христа за сите нас. За сите добра направени врз нас, за Нејзиниот милостив поглед и благодатниот омофор, кој постојано нè закрилува единствено што можеме да направиме е да И благодариме, да ја молиме, да се угледуваме на Неа и да ја почитуваме. Затоа, и ние денес собрани на молитва во овој храм уште еднаш од дното на нашата душа да кажеме: Те величаме Пресвета Дево и го почитуваме Твојот свет Покров, сега и секогаш и во сите векови. Амин!
Нека е за многу години! Божјата Мајка постојано да нè закрилува со својот омофор!
Покров на Пресвета Богородица
Зоран Богоевски
14.10.2026
1 / 8