Пречекот на светата чудотворна икона на светиот великомаченик Фануриј Чудотворец

На 07.06.2026, со благослов на Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, а по повод пречекот на светата чудотворна икона на светиот великомаченик Фануриј Чудотворец, која беше донесена од островот Родос, во храмот посветен на Светите Архангели во Орестијада-Грција, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф чиноначалствуваше со Светата Литургија, во сослужение со надлежниот Митрополит на Орестијада и Дидимотихо г. Дамаскин од сестринската Грчка Православна Црква и со Епископот Поликарп, викарен Епископ на Пловдивската Митрополија од Бугарската Православна Црква. Митрополитот г. Јосиф ги пренесе благословите и поздравите од Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан и му се заблагодари за авраамовото гостопримство на надлежниот архијереј и во оваа прилика му подари архијерејски одежди, кои се изработени во Охрид.  Митрополитот г. Дамаскин, пак, во спомен на ова сослужување, му подари на Митрополитот г. Јосиф панагија со ликот на Господ Исус Христос.