На ден 19.08.2026 година на празникот Преображение Господово, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на митрополитот Австралиско-новозеландски г. Никола богослужеше света Литургија во храмот во изградба посветен на Преображение во н. Циглана – Гостивар. На светата Литургија верниот народ се причести со Светите Тајни.
Согласно типикот и традицијата беше благословен и лозовиот плод – грозјето. Црковниот одбор за целиот верен народ приреди трпеза на љубовта. На самиот крај, Митрополитот г. Јосиф се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: „Ваше Високопреосвештенство, почитуван заменик претседател на Владата на Р. Македонија, драги браќа и сестри ,,Секој манастир е тврдина Божја и појава светоотечка, секој манастир го благословува целиот крај кај што е подигнат" - Со овие зборови на нашиот современик, старецот Ефрем Филотејски, со голема празнична радост го започнувам моето слово за големиот денешен празник Свето Преображение Господово, празник на кој е посветен овој манастир, кој е во изградба. Како и секоја година на овој празник Преображение сме тука во н. Циглана-Гостивар, литургиски да го прославиме празникот. Радосен сум што видов многу верен народ дојден на светата Литургија, народ кој активно учествува во неа и се причестува со светите дарови. Во овие мигови, во мене се уште одекнуваат зборовите на апостолот Петар од денешното Евангелие: „Господи, добро ни е да бидеме овде.“ (Матеј 17, 4), и навистина да се биде денес на ова место, на овој манастирски празник – значи да се учествува во радоста на Преображението, а да се учествува во преображенската радост значи да се биде сведок на светлината на Воскресението, кое е неостварливо без евангелското литургиско лично покајние, борба со страстите, без нашата преобразба и личен подвиг. Кога го погледнувам овој манастир и се ова што е до денес направено, гледам дека Вашата лична желба за преобразба како верници, драги браќа и сестри, се гледа и во ова Ваше дело – во секојдневната борба за изградба и доизградба на овој великолепен манастир, кој може да се изгради единствено од осветлени и преобразени од секој демонски мрак – верни луѓе како Вас, кои градејќи го манастирот – се вградивте во него како живи камења врз аголниот камен – Главата на Црквата – Спасителот и Господ наш Исус Христос. Ја користам оваа прилика, најнапред од лично мое име како надлежен архиереј на Тетовско – гостиварската епархија, како и од име на свештенството и побожниот народ, да им се заблагодарам на членовите на Иницијативниот одбор за изградба на овој – за нивниот неуморлив подвиг, трудот кој секојдневно го вложуваат во изградба на манастирот. Нивното дело, како и на сите оние кои на каков и било начин ја помагаат изградбата на ова наше светилиште е бесмртно пред Бога, Кого усрдно сите го молиме да ни даде духовни и телесни сили и меѓусебна љубов, за да што побргу го завршиме манастирот, кој ќе биде место на нашето сплотување како Црква и заедница. Немам други зборови со кои би можел да Ве советувам, освен Христовите зборови, Кој Он ги упатил при Своето Преображение, а тие се следните: „Станете и не плашете се“ (Матеј 17,7), со тие зборови и јас Ве охрабрувам и утешувам сите заеднички и со љубов да ги поднесеме неволјите и страдањата во овој минлив свет и век, за да се подготвиме за вечната Светлина и Живот во Божјото царство. Да Го молиме Бога постојано да нѐ научи како апостолите, кои се искачиле на гората Тавор при Преображението - на две добродетели: трудољубие и богомислие, па и ние, следејќи го нивниот пример почесто да се искачуваме на ова место, зашто искачување на височина бара труд, а височината ја претставува височината на нашите мисли, кои треба да бидат насочени кон Бога. Манастирите се од големо значење за сите нас, бидејќи тие се духовно прибежиште на секоја душа, која посакува да се спаси, која сака да добие утеха, бидејќи во светскиот живот има толку многу искушенија. Токму затоа овој манастир е особено потребен во нашето време, во кое има мноштво искушенија. Бидете благословени и имајте лесни Богородични пости. Дај Боже набрзо да го довршиме и осветиме овој велелепен храм кој е наша Гора Таворска, наше место на мир и духовна радост. На крај му благодарам на митрополитот Австалиско-новозелански г. Никола што денес со своето присуство и сослужување ја збогати празничната радост, како и на почитуваниот потпретседател на Владата, г. Александар Николовски кој одвои од своето скапоцено време да присуствува на литургијата и благословувањето на новиот лозов плод. За многу години празникот!“
Преображение Господово
Зоран Богоевски
19.08.2026
1 / 7