Осумнаесеттата недела по Педесетница

На ден 08.10.2023 година, во 18 недела по Педесетница, кога  го прославуваме празникот посветен на преподобна Ефросинија, преподобен Сергеј Радоњежски и преподобна Ефросинија Суздајска, во храмот „Свети вмч. Димитриј Солунски“ во Кавадарци, по повод 2 годишнината од неговото реосветување, на покана и во сослужение на надлежниот епархиски архиереј Неговото високопреосвештенство Повардарскиот Митрополит г. Агатангел, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј богослужеше Света литургија на која служеа и повеќе свештенослужители. На Литургијата верниот народ се причести со Светите тајни, а Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа. 
Во својата боговдахновена беседа Митрополитот г. Јосиф, посочувајќи го значењето на Божјиот храм во животот на секој христијанин, ја искажа својата радост за целосната реконструкција и за напредокот на овој наш храм во Кавадарци, меѓу другото нагласувајќи: „Само една недела по нашиот голем празник Собор на сите македонски светители, чуствувајќи ја сеуште радоста на единството и на соборното прославување на семакедонскиот собор во Гевгелија, на покана на вашиот родољубив архиереј, која што со задоволство ја прифатив, повторно се наоѓаме во Повардарската епархија, сега во Кавадаречкото архиерејско намесништво, во пределите на Тиквешијата, овде во Кавадарци – град со голема историја, град на храбри и вредни луѓе кои на дело ја покажавте својата вера во Троичниот Бог, со тоа што не го заборавивте аманетот од своите дедовци. И не само што го сочувавте, туку и во целост го обновивте и украсивте овој Соборен храм во кој сме собрани на Света Литургија по повод 2 годишнината од неговото реосветување, со намера првенствено да Му заблагодариме на Бога, без чиј благослов не можеме ништо да направиме и уште еднаш да ја искажеме својата благодарност кон Создателот за Неговата помош при подигањето на ова прекрасно светилиште, кое е наш заеднички дом и гордост не само на кавадарчани, туку и на сите чеда на нашата МПЦ-ОА. 
Во овие свештени мигови, во пресрет на 2 годишнината од осветувањето на овој храм кој сите вие верно го чувате како најголем светилник, она што особено ме радува драги браќа и сестри, е вашето присуство на Литургијата. Сакам да нагласам дека тоа е и најважното за една црковна општина, за еден парохиски храм кој ги отворил своите порти, а тоа е под своите сводови да ги собере сите свои верници на молитва. Токму затоа ги подигнуваме и обновуваме храмовите, токму затоа и беше извршена и реконструкцијата и обновата и на овој храм за да во него постојано се служи Света Литургија, на која што сите заедно како црква се сооединуваме со нашиот Господ Исус Христос, поучувајќи се од Него и од Неговото евангелие и примајќи ја Светата Причест. Затоа храмот одсекогаш е најзначаен и најпосетуван објект во секое населено место. Храмот е одраз на верата на жителите на еден град, но и вечен светилник и украс на градот. Храмот е вистинско прибежиште на секој еден христијанин, место каде што ние ги спасуваме нашите души, наоѓајќи закрила од животните бури и од безбројните светски искушенија, кои демнеат над секоја христијанска душа. Како што во Ноевата арка нашле спас оние кои влегле во неа – така и сите вие кои влегувате во оваа црква, по застапништвото на светиот Димитриј го наоѓате својот мир и спокој. Затоа, мили мои кавадарчани, и понатаму ревносно како и досега, грижете се за убавината на овој храм, редовно посетувајте го и во него достигнувајте ја  вашата духовна убавина, вашиот духовен развој на патот кон спасението. Храмот е најубав кога е исполнет со своите верници, затоа она што го посакувам на овој храм, на оваа црковна општина е таа постојано да е исполнета со своите парохјани, кои заедно со свештенството, на чело со вашиот вреден владика како и досега да ја споделувате својата љубовна прегратка кон секој еден христијанин. Токму таа христијанска љубов како најголема Христова заповед нека Ве води сите во животот, постојано и во сите векови! 
На крај сакам да ја искажам својата искрена и братска благодарност кон мојот собрат, а ваш архиереј, Митрополитот Агатангел за поканата денес да сум овде со вас. И нему и на сите Вас Господ да Ви подари пред се радост, здравје, мир во душата за да живеете сложно, како едно вистинско Христово стадо! Нека е за многу години! Да даде Бог уште многу радости во оваа црква и настани за паметење!